Во Тетово 170 лица на дијализа — Нефрон повикува на поголема поддршка за органодарителство
На едукативна трибина во Тетово укажано дека трансплантациите се клучни за подобрување на животот на пациентите и дека свеста за донирање треба да се зголеми.

Во Тетово 170 лица се на дијализа поради нефункционалноста на нивните бубрези. Голем дел од пациентите можноста за подобар и нормален живот ја гледаат во пресадување бубрег од дарител — тема која беше во фокусот на едукативната трибина „Да зборуваме за хроничната бубрежна болест, донирањето органи и трансплантацијата“, организирана од Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ од Тетово.
Целта на трибината беше да се подигне јавната свест за хроничните бубрежни заболувања, да се објаснат можностите за третман и да се информира населението за значењето на донирањето органи како предуслов за трансплантациите.
Повик за зголемување на свеста
„Нашата активност, во текот на целата година е подигање на свеста кај населението за да се спречат бубрежните заболувања, како и да се подигне свеста за органодарителство. Околу 10 отсто од вкупната популација има некаква бубрежна болест, само еден помал дел од тие завршуваат на дијализа. Нашата желба е да што помалку пациенти имаме на дијализа и да се прават трансплантации. Трансплантација може да биде од познат дарител од потесното семејство или од починат (кадавер) од мозочна смрт. За да можат тие трансплантации да се прават треба да има донирање органи. Значи свеста за донирање треба да се подигне и на тој начин ќе се спасат многу животи“, рече д-р Душко Ѓоргиев, претседател на „Нефрон“.
На настанот беше посочено дека трансплантациите се значаен начин за подобрување на квалитетот на животот на пациентите и дека нивната реализација зависи од масовно и јасно поддржано донирање — од живи роднини или од починати лица каде е констатирана мозочна смрт.
Организаторите повикаа институциите и здравствениот сектор да интензивираат активности за превенција, рано откривање и поддршка на пациентите со напредна бубрежна болест, со цел да се намали бројот на луѓе кои завршуваат на дијализа.
Фото: СДК.МК)


