Почетна
Македонија

Пожарот во „Пулс“ ја заостри контролата, но практичната обука е недоволна

По катастрофата во Кочани инспекциите се засилија, експертите предупредуваат дека опремата е бескорисна без обука; покажна вежба беше одржана во Битола.

·Македонија
Пожарот во „Пулс“ ја заостри контролата, но практичната обука е недоволна

Пожарот во локалот „Пулс“ ги засили контролите за почитување на правилата за заштита од пожари, но експертите предупредуваат дека инспекциите треба да се комбинираат со практична обука за персоналот и фирмите кои управуваат јавни простори.

Државните служби интензивираа проверки дали објектите имаат одобрени планови за заштита и спасување, елаборати и соодветна опрема. Сепак, од струката велат дека и најсовремената опрема е бескорисна ако на терен нема луѓе обучени да ја употребат.

Практичните вежби ја пополнуваат празнината

„Луѓето не се обучени, најчесто ги фаќа паника, а не можат ниту да го свртат бројот на пожарната единица. Поентата е да се интервенира во првите минути, тогаш и најголемите пожари би биле спречени. Ако го испуштиме тој момент, без разлика дали пожарната ќе дојде и ќе го локализира пожарот, штетите веќе ќе бидат многу поголеми“, изјави Зоран Доревски, експерт за заштита од пожари .

По трагедијата во Кочани, кажуваат надлежните, е поставен интензивиран напор за воспоставување триаголник на соработка меѓу Дирекцијата за заштита и спасување, институциите и компаниите кои работат во областа на противпожарната заштита. „За првпат се воспоставува координација во која сите институции ќе дејствуваат во ист правец. Не може една институција да бара едно, а состојбата на терен да покажува друго. Кочани ни покажа дека недостасуваше координација меѓу институциите, компаниите и фирмите кои работат на заштита од пожари“, рече Марија Кукуновска, претседателка на Комората за заштита од пожари и кризен менаџмент .

Како дел од тие напори денеска на стадионот „Под Тумбе Кафе“ во Битола беше реализирана показна вежба со симулација на пожар и евакуација, во која учествуваа сите служби и лица задолжени за спроведување на протоколите во вакви ситуации. Целта беше да се провери подготвеноста и координацијата на сите чинители во случај на вистинска вонредна состојба.

Експертите апелираат инспекциските контроли да продолжат да се спојуваат со редовни, реални вежби и основна обука за граѓаните. Само со долгорочна координација и практична обука, велат, може да се скрати времето на реакција во критичните први минути и да се намалат штетите при идни несреќи.

Автор: Емилија Мисирлиевски

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи