Пратенички прашања: ДУИ го обвини МВР за неуспех во меѓуетничкиот соживот
Седницата за пратенички прашања се одржа без премиерот и неколку министри, додека опозицијата ги критикуваше работата на МВР и организацијата на прославата за 35‑годишнината.

Седницата за пратенички прашања се одржа денеска без присуство на премиерот и на дел од министрите, кои се во неговата придружба на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Пратениците поставија прашања поврзани со финансии, образование и прашања со етнички предзнак.
Опозицијата ги обвини МВР и Владата
Опозициската ДУИ го обвини оваа влада дека лошо се справува со меѓуетничкиот соживот и го посочи Министерството за внатрешни работи како дел од проблемот. Во расправата беше наведена и улогата на рeсорното министерство во делот на училиштето за полициски службеници, како и честите конфликти меѓу спортските навивачи кои често имаат етничка позадина.
Министерот Тошковски пак возврати дека како што рече "конечно во оваа држава дошло време каде уставот и законите се пред се наместо етничкиот предзнак ."
Не изостанаа ниту прашањата околу организацијата на прославата по повод 35‑годишнината од независноста. Координаторот на СДСМ, Оливер Спасовски, побара транспарентност од заменик‑министерот за финансии, кој кратко одговори дека делот што е во нивна надлежност ќе го достават писмено, а останатото било за друга адреса.
Опозициските пратеници повторно дадоа забелешки за отсуството на дел од министрите и на премиерот, кои се во Њујорк на Генералното собрание на ОН, но седницата за пратенички прашања продолжи и покрај тие отсуства.
Фото: прес-материјал од настанот


