Тошковски - Вал: Соработката со ОБСЕ резултираше со конкретни проекти за полицијата
Министерот Тошковски ги наведе проектите кои ги унапредија обуката, заштитата на деца и регионалната K9 поддршка.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска имаше проштална средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килијан Вал, при што му се заблагодари за посветеноста, професионализмот и искреното партнерство во текот на неговиот мандат. За средбата тој информира на својот профил на „Фејсбук“.
Конкретни проекти и долгорочно јакнење на капацитетите
Според Тошковски, соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и ОБСЕ не останала само на декларативна поддршка, туку резултирала со конкретни проекти кои веќе значат подобри услови за работа, посовремена обука и поголеми капацитети на македонската полиција.
- Со поддршка на ОБСЕ го изградивме и опремивме Мултимедијалниот центар за обука во Полициската академија, а обезбедивме и специјализирани простории за разговор со деца и жртви во Битола, Струмица и Тетово, со што направивме значаен исчекор во заштитата на најранливите категории граѓани. Заеднички работевме и на зајакнување на капацитетите за борба против нелегалната трговија и злоупотребата на оружје, преку воспоставувањето на Регионалниот К9 центар за обука и сертификација, специјализирани обуки, регионална полициска соработка и превентивни кампањи, меѓу кои и „Животот нема рестарт" - пишува министерот Тошковски.
Тој нагласува дека ваквите резултати остануваат и по завршувањето на еден дипломатски мандат: посилни институции, поподготвени полициски службеници и поголема безбедност за граѓаните.
- На амбасадорот Вал му посакав многу успех во неговите идни професионални ангажмани, со уверување дека одличната соработка со ОБСЕ ќе продолжи и во периодот што следува. Благодарност за пријателството, поддршката и заедничката работа во интерес на побезбедна Македонија - напиша Тошковски на „Фејсбук".
Фото: прес-материјал од настанот


