ЗНМ бара итна реакција од МВР за експлицитните повици за насилство кон новинарката Милка Смилевска
Здружението на новинари поднесе пријава и побара мерки за заштита по заканите оставени под објава на фејсбук-профил.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) побара итна реакција од Министерството за внатрешни работи откако на фејсбук-профил именуван „Вистината боли“ беше објавена фотомонтажа со новинарката Милка Смилевска и под неа се појавија вознемирувачки коментари со експлицитни повици за насилство.
Пријава до МВР и барање за заштита
ЗНМ соопшти дека случајот е пријавен во МВР и побара итно испитување на објавените содржини, со барање полицијата да ги пронајде и санкционира лицата што оставиле омаловажувања и закани кон Смилевска.
Од здружението наведуваат дека под споменатата фотомонтажа бил оставен и коментарот: 'Кршење коски на ороспии платени од сорос сатаната.' ЗНМ оценува дека ваквата формулација претставува директно повикување на физичко насилство и е особено загрижувачка поради својата експлицитна содржина.
Покрај пријавата и барањето за итно испитување, од ЗНМ побараа и мерки за лична заштита на новинарката, нагласувајќи дека институциите не смеат да ги третираат ваквите закани како обични коментари на социјалните мрежи, особено кога станува збор за повици за физичко насилство.
Во соопштението ЗНМ додаде: "Слободата на изразување не смее да се користи како оправдување за закани, поттикнување насилство, лични дискредитации и говор со кој се загрозува безбедноста на новинарите. Ниту едно несогласување со новинарски став, извештај или професионален ангажман не може да биде оправдување за повикување на насилство" и побара брза реакција на институциите за да се спречи ескалација и да се заштитат новинарите во дигиталниот простор.
Фото: Архива


