Радовишанец обвинет за закани кон амбасада, судот го упати на психијатриско посматрање
37-годишникот, идентификуван како Ѓ.Н., телефонски им се заканувал на вработени во странска амбасада; случајот е пријавен на 5 ноември.

37-годишен жител на Радовиш е кривично пријавен откако телефонски упатувал сериозни закани кон вработени во амбасада на странска држава во Македонија, а судот донел решение да биде упатен на психијатриско посматрање.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 4 ноември годинава лицето, идентификувано како Ѓ.Н. (37), телефонски се јавил во амбасадата и на странски јазик упатил закани кон вработените, со што ја загрозил нивната сигурност.
Приведување и обвинение
Случајот бил пријавен во полиција следниот ден, на 5 ноември. Полициски службеници го пронашле и го лишиле од слобода, а при службениот разговор тој го признал делото, соопшти Министерството.
СВР Струмица, преку ОВР Радовиш, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица поради сомнение за сторено кривично дело „загрозување лица под меѓународна заштита“, согласно член 420 став 4 од Кривичниот законик.
По поднесувањето на пријавата, на предлог на јавен обвинител, судија од Основниот суд Струмица донел решение 37-годишникот да биде упатен на психијатриско посматрање во соодветна здравствена установа.
Од Министерството за внатрешни работи не е прецизирано за амбасадата на која странска држава станува збор.
Фото: прес-материјал од настанот


