Почетна
Политика

Пратениците го поминаа предлог-законот: делумен увид во строго чуваните досиеја за посвојувањата

Полнолетните посвоени лица и одредени роднини ќе можат да бараат ограничен увид за медицински причини, а за секое барање ќе одлучува стручна комисија.

·Политика
Пратениците го поминаа предлог-законот: делумен увид во строго чуваните досиеја за посвојувањата

Пратеничката група ЗНАМ во Собранието го помина предлог-законот во прво читање по кој строго чуваните досиеја за посвојувањата ќе може делумно да се отворат. Документот предвидува полнолетни посвоени лица да добијат право на ограничен увид во своето потекло ако постои медицинска потреба, а секое барање ќе го разгледува стручна комисија.

Во предлогот е предвидена можност и биолошките сродници, како и посвоителите, да добијат пристап до податоци при оправдано медицинско барање. Крвните роднини во прв и втор степен ќе можат да добијат информации од досието само ако претходно обезбедат изречна согласност од самиот полнолетен посвоеник.

Формалности и ограничувања

„Предложивме службената тајна за податоците да остане, но да може да биде нарушена од здравствени причини, кога посвоеник има потреба да добие увид во заболувања на биолошките родители. Предлагаме, министерството да формира стручно тело, составено од експерти, кое ќе го дозволува и ограничува увидот, а право на податоците да има посвоеникот и неговите роднини од прво и второ колено“, изјави Весна Бендевска, потпретседателка на Собрание.

Промената на праксата доаѓа по пресудата на Европскиот суд за човекови права во 2024 година во предметот „Митревска против Македонија“, кога државата беше тужена дека не дозволила пристап до податоците иако постоела медицинска потреба. Судот во Стразбур заклучи дека домашните институции го прекршиле правото на приватен живот (член 8 од Европската конвенција) бидејќи безрезервно ја применувале законската забрана без да ја проценат рамнотежата меѓу различните интереси.

Бендевска посочи дека темата е деликатна, дека сите засегнати страни имаат права од своја перспектива и затоа ќе се одржи јавна расправа со експерти пред законот да оди во второ читање. Предлогот предвидува министерството да формира стручна комисија која ќе одлучува по секое барање и ќе поставува критериуми за ограничениот увид.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи