Почетна
Политика

Пратениците се вратија со над 50 точки — неизвесна есен поради процедурални блокади

Првата пленарна седница по одмор не го расчисти прашањето дали ДУИ ќе продолжи да користи Бадентер процедури за да го одложи усвојувањето на клучните закони.

·Политика
Пратениците се вратија со над 50 точки — неизвесна есен поради процедурални блокади

Пратениците се вратија од летниот одмор со преполн дневен ред — повеќе од педесет точки — но првата пленарна седница по паузата не ги разјасни сомнежите дали опозициониот албански блок предводен од ДУИ ќе продолжи со процедуралните блокади преку Бадентер за клучните закони.

На седницата социјалдемократите поставија процедурална забелешка, реагирајќи дека веќе се закажуваат комисии пред Собранието формално да го усвои дневниот ред.

„Ако го воспоставиме ова како пракса, ќе мораме да бидеме принудени на процедурални и на други работи. А, сакате да не се блокира работата на Собранието! Повикувам вие да не си ја блокирате работата на Собранието“ , кажа Оливер Спасовски, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Собранискиот спикер Африм Гаши директно се приклучи на апелот: „Апсолутно сте во право, јас се придружувам кон овој повик и ги молам службите и претседателите на комисиите да не свикуваат комисии пред да го усвоиме дневниот ред“ , вели тој.

Обвинувања и негирања

Од СДСМ во последните денови излегоа со тврдење дека процедуралните блокади на ДУИ се резултат на договор со ВМРО‑ДПМНЕ со цел да обезбедат алиби за евентуални предвремени избори. Премиерот Мицкоски ги отфрли тие тврдења, истакнувајќи дека од говорницата на СДСМ во изминатите 25-26 месеци слушаат многу невистини.

„Видете, многу невистини од таму слушаме во изминатите 25-26 месеци од таа говорница и од СДСМ. Така што, понекогаш не треба да се коментира секоја глупост што ќе ја слушнеме“ , изјави премиерот Мицкоски.

Од Левица, пак, велат дека постои заговор меѓу ВМРО‑ДПМНЕ и СДСМ за да се спречат измени на Изборниот законик. „Ние треба да сме луди за да поверуваме илјадапати во истата лага дека ВМРО и СДСМ дека нудат некаква различна визија кога ќе се сменат изборите. Е, вака ќе ја почнеме ние оваа сезона затоа што се наговестува дека е предизборна“ , изјави Амар Мециновиќ, пратеник од Левица.

До крајот на месецот се на најавени најмалку четири пленарни седници. Во фокусот и понатаму остануваат законите за кои е потребно Бадентерово мнозинство: Законот за правична застапеност, Законот за високото образование и предлозите за измени на Законот за локална самоуправа.

Петар Догов

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи