Праведната транзиција на РЕК Битола: Пелагонија пред економски предизвик
Пелагонија ќе треба зелени инвестиции и политики за работни места ако РЕК Битола ја напушти зависноста од јаглен.

Постепеното напуштање на јагленот во РЕК Битола ќе го промени не само енергетскиот систем, туку и економијата на поширокиот регион Пелагонија, каде фабриките, добавувачите и услугите со децении се поврзани со работата на комбинатот.
Локалната власт и економските актери посочуваат дека постојната индустриска инфраструктура околу Битола може да послужи како платформа за создавање зелени работни места. "Ја имаме Индустриската зона Жабени, ја имаме старата индустриска зона, имаме делови на неформални индустриски делови во градот. Во последниот период има една ренесанса во тој дел, да има и зелени работни места, но и реконструкција на стари капацитети на коишто им се дава нова намена или се ставаат во функција и се отвораат нови работни места," вели Борче Димитровски, Локален економско-социјален совет (ЛЕСС) на Општина Битола.
Во индустриската зона Жабени денес функционираат шест компании, а во нив се вработени над 6.000 лица од пелагонискиот регион. Има најави за проширување на постојните капацитети и за привлекување нови инвестиции.
Парите ќе ја одредат брзината и праведноста на преодот
"Ова е индустриската зона Жабени кај Битола која се протега на површина од 84 хектари. Во услови на декарбонизација на регионот и постепено намалување на зависноста од јаглен, времето ќе покаже како ќе се искористи овој потенцијал за идниот економски развој на Пелагонија," додава Димитровски, нагласувајќи ја големината на земјиштето кое може да се постави во функција за нови индустриски активности.
Локалните претставници предупредуваат дека за успешна и праведна транзиција се потребни големи финансиски средства. "Шесте држави коишто се дел од Западен Балкан и коишто се дел од концептот на напуштање на јагленот како енергенс, не добиваат пристап до директните фондови и до поголеми средства. За да може транзицијата, праведна или енергетска, да остави што е можно помалку траги, тоа е поврзано со многу пари. А ЕУ тоа не го отвора и имаме не многу искрен пристап во тој дел ," вели Борче Димитровски, Локален економско-социјален совет на Општина Битола.
Сегашните соговорници се согласуваат дека преминот кон зелена енергија треба да биде проследен со конкретни политики и инвестиции за отворање работни места и нови економски можности, за да се намалат социјалните и економските ефекти врз домаќинствата и претпријatiјата во Битола и околните општини.
Новинар: Емилија Мисирлиевски
Снимател: Златко Јосифовски
Фото: прес-материјал од настанот


