Премиерот Мицкоски се врати од Белгија — вели дека имал средби со инвеститори, не со политичари
Мицкоски вели дека во Белгија бил со синовите и имал деловни средби; СДСМ бара информации дали се разговарало за државни прашања надвор од институционалните канали.

Премиерот Мицкоски се врати во Скопје по еднонеделно отсуство од Белгија, кое тој денеска го опиша како „научно-образовна екскурзија“ заедно со своите два сина, а не како политичка мисија. Тој јавно ги објасни градовите што ги посетиле и рече дека семејството ја изучувало историјата, културата и знаменитостите на местата.
Според премиерот, турнејата била дел од неговиот родителски принцип — барем еднаш годишно да ја пресели воспитната средина од дома на европски терен. Мицкоски тврди дека во Брисел немало политички средби, но имало деловни разговори.
Премиерот кажа дека одржал три средби со инвеститори додека бил во Белгија: двајца потенцијално нови инвеститори и трет со план за проширување на веќе постоечка инвестиција. Тој најави дека договори поврзани со тие разговори се очекуваат за есен.
Реакции и прашања од опозицијата
Од СДСМ пак обвинија дека е спорно дали зад приватното патување не се кријат разговори за државни прашања надвор од институционалните канали. Опозицијата бара појаснување на прашањата: во чие име и за што разговарал премиерот додека бил надвор.
Во официјално соопштение СДСМ директно го обвини премиерот: "Мицкоски ја третира Македонија како своја приватна сопственост. Тој одлучува сам. Тој преговара сам. Додека Тимчо Муцунски зборува за разговори "под радарот", Мицкоски тие разговори ги води лично, во семеен аранжман, далеку од очите на јавноста и институциите. Ова не е државничка одговорност. Ова е приватизација на државата. Граѓаните имаат право да знаат: Што е договорено? Што е прифатено? Што е скриено? Македонија не е приватна фирма на Мицкоски, иако тој ја гледа така. И нејзината иднина не се договара на семејни екскурзии."
Сомнежите на СДСМ делумно се поврзуваат и со изјавата на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски од пред две недели, кога тој зборуваше за разговори "под радарот" кои би можеле да го деблокираат европскиот пат без да открие детали. Муцунски во последните денови возврати дека тајни разговори нема и дека никогаш не кажал такво нешто.
Фото: прес-материјал од настанот