Почетна
Македонија

Превозниците ќе протестираат пред Делегацијата на ЕУ во Скопје на 31 август

Превозниците најавија двочасовен собир пред Делегацијата на ЕУ во Скопје на 31 август, барајќи преодно решение за ограничувањата на ЕЕС.

·Македонија
Превозниците ќе протестираат пред Делегацијата на ЕУ во Скопје на 31 август

Професионалните возачи од земјава на 31 август ќе одржат двочасовен протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, соопшти Асоцијацијата „Макам-транс“, барајќи привремено решение за проблемите предизвикани од системот за влез и излез (ЕЕС) во ЕУ.

Од асоцијацијата наведуваат дека на протестот ќе присуствуваат најмалку 20 возила, како и голем број лица од сите градови — сопственици, возачи и други вработени во превозните компании. Истиот ден слични протести се најавени и во Србија и во Босна и Херцеговина во периодот од 12 до 14 часот.

Протест еден ден пред состанокот во Брисел

Акцијата е закажана еден ден пред состанок на Работната група во Брисел, чиј исход здруженијата го оценуваат како клучен. „Доколку на состанокот не се донесе преодно решение за престој на возачите во Шенген-зоната, предложено е да се одржи протест на граничните премини на секоја држава поодделно со почеток на 14.09.2026 година“, се вели во соопштението на „Макам-транс“.

Од асоцијацијата објаснуваат дека таквите протести бараат согласност од превозниците во секоја држава и одобрение од надлежните органи, бидејќи се планира акцијата да биде идентична со онаа од јануари и може да трае подолго од 10 дена. „Во оваа фаза асоцијациите од четирите држави собираат согласност од превозниците за организација на протестот како предупредување на Европска Унија, која во изминатите седум месеци не покажа добра волја за надминување на проблемот иако во визната стратегија се признаа возачите како професионалци кои вршат дејност“, стои во соопштението.

„Макам-транс“ додава дека ќе се бара од надлежните органи да дефинираат кои стоки ќе се пропуштаат за време на евентуалните блокади — производи од интерес за државата и населението, како што се нафта и нафтени деривати, јаглен, потребни орудија и препарати за општините и јавното комунално работење, муниција и други производи. „За оваа цел е пратена анкета како би се утврдила согласноста од поголем број на превозници (70%) во државата или одбивање на предложениот протест доколку генерално нема согласност од превозниците“, се вели во соопштението.

Прашан за реакција, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски рече дека Владата целосно го разбира проблемот и се обидува да го реши во рамките на своите можности преку потпишување билатерални договори со земјите од Шенген. „Гледаме генерално да ги покриеме рутите каде што македонските транспортери најчесто одат. Со Швајцарија веќе има одговор, со Хрватска има договор, со Романија има договор, како што кажав, следни за разговори се Австрија и Словенија и исто така работиме со Германија, така што на тој начин ги покриваме земјите каде што има најголема фреквенција и тоа е она што ние можеме да го направиме и го правиме во овој период“, изјави Николоски.

Проблемот со кој се соочуваат македонските и регионалните професионални возачи се појави по воведувањето на ЕЕС кон крајот на минатата година, според кој превозниците од Западен Балкан се регистрираат како туристи и можат да останат во земјите од ЕУ најмногу 90 дена во период од 180 дена.

Фото: Архива

Поврзани написи