Почетна
Македонија

Превозниците од Западен Балкан привремено ја откажаа намерaта за затворање на премините

Привремено се стопира најавеното затворање на премините по уверувања дека ќе се бара решение за престојот на професионалните возачи во Шенген.

·Македонија
Превозниците од Западен Балкан привремено ја откажаа намерaта за затворање на премините

Најавеното затворање на граничните премини кон Европската Унија денеска сепак не се случи. Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора решија привремено да го стопираат протестот, откако добиле уверување дека ќе се бара решение за проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Одлуката следува по средба со претставници на дел од државите членки на Шенген-зоната, одржана преку Мисијата на Европската Унија со седиште во Белград, кои ветиле дека ќе се забрза процесот за изнаоѓање решение.

Причина на спорот

Превозниците предупредија дека ограничувањето на времето што возачите можат да го поминат во шенгенските земји директно ги нарушува нивните секојдневни активности и непречениот проток на стоки меѓу Западен Балкан и пазарите на ЕУ. Според нив, прекинот на синџирот на снабдување би предизвикал итни проблеми.

ОРГАНИЗАЦИЈА НА ПРЕВОЗНИЦИ: "На овој начин покажавме добра волја и разбирање за проблемите кои би настанале со прекинување на синџирот на снабдување на стока меѓу Западен Балкан и ЕУ и искажавме доверба на ветувањето дека ќе се забрза процесот за изнаоѓање на соодветно решение за професионалните возачи и нивниот престој во Шенген Зоната подолг од 90/180 дена до изгласување на новата визна стратегија."

Професионалните возачи од Западен Балкан очекуваат најавените разговори да бидат проследени со конкретни чекори и решение применливо за нив. Доколку не дојде до такво решение, превозниците велат дека би можеле повторно да ги разгледаат активностите и можноста за протест, имајќи предвид дека проблемот со ограничувањето на престојот влијае врз нивното работење.

Во центарот на спорот е правилото според кое државјаните на земји надвор од ЕУ можат да престојуваат во Шенген најмногу 90 дена во период од 180 дена. За туристите ова е јасна граница, но за камионџиите, чија работна средина е патот низ Европа, секој ден поминат во која било шенгенска држава им ја троши истата квота. Како можни решенија се спомнуваат долгогодишни визи, специјални дозволи или продолжен краткорочен престој за точно определени категории работници.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи