Прилеп ја одржа 84. „Критична маса“ — велосипедисти бараат мрежа и чисти тротоари
Учесници од сите возрасти побараа поврзана велосипедска мрежа, слободни тротоари и рамноправен третман на точакот.

Во Прилеп се одржа 84. „Критична маса“ кога велосипедисти од повеќе генерации повторно излегоа на улиците за да побараат повеќе простор за движење и рамноправен третман на точаците со автомобилите.
Иницијативата повика на поврзана мрежа и слободни тротоари
Организаторите од „ПрилепНаТочак“ велат дека настанот не е само дружење, туку порака до градските власти дека Прилеп може да биде „побезбеден, почист и попријатен“ ако улиците ги направат достапни за сите учесници во сообраќајот.
„Од најмлади до пензионери, сите заедно покажуваме дека градот може да биде побезбеден, почист и попријатен кога има место за сите учесници во сообраќајот. Ова не е само возење, ова е порака: сакаме поврзана велосипедска мрежа, слободни тротоари и град во кој точакот е рамноправен избор за движење“, рекоа од иницијативата „ПрилепНаТочак“, која ја организираше новата „Критична маса“.
Тие посочуваат дека велосипедот е најсоодветно урбано превозно средство и затоа заслужува достоен простор. Како причини за акцијата ги навеле секојдневните задржувања, загадувањето, како и зафатените тротоари што ги принудуваат пешаците да одат по улица.
„(Бараме) помалку метеж. Помалку загадување. Посреќен град. Секој ден го гледаме истиот метеж, истиот чад и истата изгубена енергија во сообраќајот, зафатени тротоари, пешаци по улици, блокирани улици и блокиран град. Затоа излегуваме повторно на улиците. Да покажеме дека може и поинаку“, соопштија од велосипедската иницијатива.
Фото: PrilepNaTocak / Facebook