Филипче во Босилово: Рудникот Иловица–Штука нема да се отвори
Лидерот на СДСМ рече дека партијата ќе користи парламентарни и граѓански мерки за да го блокира проектот и друга предвидена експлоатација.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на граѓанскиот собир во општина Босилово порача дека рудникот Иловица–Штука нема да се отвори и дека партијата ќе искористи сè што ѝ стои на располагање за да го спречи тоа.
Филипче рече дека жителите од регионот се револтирани од, како што оцени, самоволието на власта и дека изразиле загриженост поради потенцијалното штетно влијание на рудникот врз здравјето и животната средина.
Тежок напад кон власта
На средбата, Филипче упати директни обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски и актуелната Влада за нивните намери во новиот просторен план, тврдејќи дека рудниците се „маркирани“ зад затворени врати и дека партиските интереси доаѓаат пред јавните средства.
„Владата на Мицкоски зад затворени врати веќе ги маркираше рудниците во новиот просторен план, но нема да им дозволиме овој процес да помине. Откако го испразнија буџетот и немаат пари за ништо, затоа што ги трошат сите буџети за партиски тендери, сега ја распродаваат македонската земја за нивни бизнис интереси“, изјави Филипче.
Тој посочи дека СДСМ ќе користи парламентарни механизми и ќе ги мобилизира граѓаните за да се спречи отворањето на Иловица–Штука. „Мојата порака е јасна – рудник овде нема да има! Ќе се спротивставиме на секој чекор што води кон негово отворање. Ќе се бориме со аргументи и со сите демократски средства, како пратеници и заедно со граѓаните“, додаде Филипче.
Партијата претходно предупреди дека под изговор за инвестиции Владата предводена од Мицкоски подготвува терен за отворање на пет нови рудници — Иловица–Штука, Казандол, Плавица, Кадиица и Луке — како и геолошки ископи на планината Кожув и нов ископ на антимон за потребите на воената индустрија.
Фото: прес-материјал од настанот


