Притвор за тројцата уапсени за експлозијата во центарот на Атина (Плака)
Камерите и 34‑дневната истрага покажуваат дека оштетување на цевководите и кражба на бакарни цевки претходеле на експлозијата која одзеде шест животи.

Мерка притвор е определена за тројцата уапсени поврзани со експлозијата што во крајот на септември го урна двокатниот објект во атинската населба Плака и одзеде шест животи, јавуваат извори од Атина.
По речиси шестчасовниот исказ пред истражен судија и јавен обвинител, обвинетите се обиделе да ги отфрлат обвинувањата дека нивните постапки предизвикале истекување на природен гас и експлозија. Едниот од нив го обвинил другиот дека ја пресекол цевката, но тие признале дека по отстранувањето чувствувале мирис на гас — податок кој, според противпожарната служба на Грција, е особено важен при реконструкцијата на настаните.
Снимки и истрага
Според грчките медиуми, тројцата — двајца Грци на возраст од 37 и 55 години и 34-годишен албански државјанин — биле снимени од безбедносни камери како влегуваат во двокатната зграда и го оштетуваат цевководот на инсталацијата за природен гас со цел кражба на бакарни цевки. Исто така, на снимките се гледа како тие едно час по експлозијата ги делат украдените цевки.
Истрагата за експлозијата, која траеше 34 дена, ја спроведе Дирекцијата за истражување на кривични дела поврзани со подметнување пожари при противпожарната служба на Грција и ги идентификува виновниците, кои беа уапсени во петокот.
Експлозијата се случи во раните утрински часови на 25 септември во двокатна зграда која целосно се урна. Загинаа шест лица — повозрасна брачна двојка што живеела на вториот кат и четворица гости на првиот кат кој се користел како Airbnb: тројца државјани на САД со албанско потекло и еден Американец. Потрагата под урнатините траеше повеќе од 30 часа додека беа пронајдени и извлечени шесте безживотни тела.
Фото: прес-материјал од настанот


