Притвор за жената што нелегално наплаќаше влез во локалитетот „Камени кукли“
ОЈО Куманово тврди дека осомничената продолжила да узурпира и да им наплаќа влез на посетителите на „Камени кукли“.

Судот ги прифати барањата на Обвинителството и определи притвор за 41-годишната кратовка С. Д., приведена по пријава дека физички нападнала повеќе посетители во заштитениот локалитет „Камени кукли“.
Обвинителството: продолжила со узурпација и наплата на влез
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Куманово соопшти дека жената е приведена попладнето на 2 август откако било пријавено дека повеќе лица биле нападнати на локалитетот во Кратовско.
Од Обвинителството посочуваат дека и покрај сите преземени мерки, осомничената продолжила да го узурпира локалитетот, неосновано да им наплаќа влезници на посетителите, да се расправа со нив и да им се заканува.
„При последниот инцидент, осомничената презела и дејствија на кривично дело – спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска став 2 и 1 од Кривичниот законик, односно физички ги нападнала и спречила полициските службеници кои се обиделе да ја легитимираат и приведат“, велат од Обвинителството.
Обвинителството при предлогот за определување притвор ги земало предвид и тековната постапка против осомничената за узурпација на локалитетот „Камени кукли“, како и веќе изречените мерки на претпазливост, вклучувајќи и забрана за посета на локацијата, кои таа ги игнорирала. Дополнително посочуваат дека С. Д. заедно со својот сопруг и претходно спречувала службени лица во вршење службени дејствија.
„Од тие причини, кои укажуваат на опасност од бегство, но и на јасна тенденција осомничената да продолжи да врши кривични дела, јавнен обвинител до судија на претходна постапка достави предлог за определување притвор. Предлогот на јавниот обвинител е прифатен и Судот со решение ја определи притворската мерка“, велат од ОЈО Куманово.
Фото: прес-материјал од настанот