Притворот на Дејан Јованов истекува на 3 октомври, одбраната најави гаранција во имот
Коцевска побара нотар да го посети Јованов во Идризово за заверка на согласноста; предметот продолжи со испитување градежни вештаци.

Одбраната на првообвинетиот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, на денешното рочиште пред Основниот кривичен суд Скопје изјави дека во текот на оваа недела ќе поднесе гаранција во имот, откако по сила на закон му истекува едногодишниот притвор на 3 октомври 2026 година.
Адвокатката Ивана Коцевска побара од Судот да му дозволи на нотар да го посети Јованов во притворот во Идризово за да се завери неговата согласност за оптоварување на имотот што ќе биде понуден како дел од гаранцијата.
Одбраната бара мерки за гарантирање присутност и достапност
“- По сила на закон на Дејан Јованов му истекува притворот на 3 октомври и тоа не е по вина на одбраната, туку по закон. Имајќи предвид дека судот може да даде само мерки на претпазливост, најавуваме дека во текот на оваа недела ќе биде поднесен предлог за определување на гаранција - изјави Коцевска.
Коцевска нагласи дека одбраната не ја негира одговорноста на Јованов за настанот, туку бара да му бидат испочитувани неговите права. "-Не ја негираме одговорноста на Дејан за настанот, туку бариме да му бидат испочитувани неговите права. Фер постапка и фер судење не е привилегија на обвинетиот, туку гаранција и мора да се почитува и во најтешките предмети - изјави Коцевска.
На пауза од рочиштето, Коцевска посочи дека одбраната оспорува правната квалификација и смета дека одговорноста би требало да се утврди како дело направено поради небрежност, а не со умисла. "- Ние не дадовме признание на вина во текот на постапката од проста причина што ја негираме правната квалификација на делото. Умислата ја негираме. Со самото тоа ние не ја негираме одговорноста којашто постои кај Дејан Јованов. Кај Дејан Јованов де факто постои одговорност, меѓутоа не на начинот којшто тоа е срочено во обвинението. И затоа бараме да се дозволи да му се почитува правото и на фер начин да се утврди неговата одговорност за којашто ние се бориме - изјави Коцевска.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска потсети дека уште од почетокот на судскиот процес законот и правата на секој се почитувале и ќе бидат почитувани. "-Точно е дека ниту по ваша вина, на одбраната, ниту на Судот, притворот од една година мора да заврши, изјави судијката Груевска Илиевска.
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, продолжи со дополнителни прашања од Обвинителството до градежните вештаци кои го изработиле градежното вештачење на Обвинителството. Предметот е во доказна постапка пред судијката Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Со завршувањето на испитувањето на вештаците од тимот при Градежниот факултет при УКИМ треба да заврши изложувањето докази од Обвинителството, по што ќе почне изведувањето на докази одбраната.
Фото: прес-материјал од настанот


