Почетна
Македонија

Приведен е поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами

Бајрами, со меѓународна потерница од декември 2024, утрово сам се пријави; обвинението сега вклучува нова проценка на штетата.

·Македонија
Приведен е поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами

Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, утрово сам се пријавил пред органите на прогонот и е лишен од слобода, објавија медиумите. Министерството за внатрешни работи засега не даде официјална потврда.

Позадина и судска состојба

За Бајрами беше распишана меѓународна потерница во декември 2024 година. Тој заедно со поранешниот прв вицепремиер и висок ексфункционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Артан Груби, се меѓу главните осомничени во случајот „Државна лотарија“, поврзан со злоупотреби првично проценети на 8,2 милиони евра.

На 23 февруари годинава Артан Груби, кој повеќе од една година беше во бегство, се појави на косовско‑македонската граница при влез во земјата и веднаш беше приведен. Судот претходно реши Бајрами да му се суди во отсуство додека беше недостапен, а неговата одбрана ја обезбеди адвокат што го ангажирала неговата сестра Вјолца Бајрами.

На последното рочиште јавните обвинители ги изнесоа обвиненијата: Бајрами, Груби и уште шест лица се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со противзаконска набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа. Според обвинението, во текот на 2023 и 2024 година обвинетите ги пречекориле границите на своите службени овластувања, иако знаеле дека АД Државна лотарија нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали.

По вештачењето, Обвинителството го допрецизира обвинителниот предлог: наместо штета од 507 623 173 денари или 8,2 милиони евра, обвинетите сега се товарат за штета од околу 596 125 511 денари или 9,7 милиони евра.

Покрај Груби и Бајрами, меѓу обвинетите се и поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски, како и Скender Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу, кои биле членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија во времето кога, според скопското Основно јавно обвинителство, се случиле злоупотребите.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи