Почетна
Спорт

Продлабочената соработка со ФИБА Европа носи конкретни резултати

По работните средби со ФИБА Европа, македонските судии и официјални лица добија низа меѓународни ангажмани.

·Спорт
Продлабочената соработка со ФИБА Европа носи конкретни резултати

Македонската кошарка оваа сезона бележи значително поголемо учество на своите судии и официјални лица во европските клупски натпреварувања под покровителство на ФИБА, со обилен број номинации во ФИБА Еврокупот за мажи и жени, како и во ФИБА Евролигата за жени.

Овој скок во меѓународните ангажмани уследи по посетата на челниците на секторот за официјални лица при ФИБА Европа на задолжителниот семинар што го организираше Судиската организација при Кошаркарската федерација на Македонија. За време на посетата се одржаа низа работни средби со претставниците на Судиската организација, предводена од претседателот Алија Феревски, и со претставниците на Кошаркарската федерација, предводени од генералниот секретар Томче Стојчевски.

Силно македонско присуство во ФИБА Еврокупот – мажи

Петар Денковски доби две номинации како делегат: на 13 октомври ќе биде дел од натпреварот Генче – Колосос во Гања, Азербејџан, а еден ден подоцна е делегат на средбата Нефчи – ВЕФ Рига во Баку. Димитар Терзовски има три делегатски номинации: утре вечер ќе биде на средбата Трепча–Промитеас, на 14 октомври ќе биде на натпреварот Рилски Спортист – Есенлер Ерокспор во Самоков и на 21 октомври ќе суди дуелот помеѓу Трепча и Опава во Митровица. Владо Цветковски е одреден да биде делегат на натпреварот Ерокспор-Генче, кој се игра на 7. октомври во Истанбул. Зоран Митровски има три ФИБА номинации: на 7 октомври во Призрен ќе суди заедно со уште еден македонски судија со беџ на ФИБА, Алија Феревски, на средбата Башкими–Валмиера; на 14 октомври ќе биде меѓу судиите на Лајонс – Бакен Беарс во Женева; а на 20 октомври е номиниран за дуелот Остенде – Динамо Букурешт во Белгија. Игор Митровски доби номинација за 21 октомври како официјално лице на натпреварот Биотекно Кортез Баскет – Манчестер во Коџаели, Турција.

Македонското присуство е особено изразено и во женскиот ФИБА Еврокуп. Зоран Митровски на 15 октомври ќе биде дел од судиската тројка на средбата Фрибург – Аутошпед. Претседателот на Судиската организација, Алија Феревски, има две номинации: на 15 октомври за натпреварот Мерсин – Шлеза Вроцлав и на 22 октомври за средбата Рутроник Келтерн – Острава во Германија. Иван Мијалковски има две делегирања: на 14 октомври за Олимпијакос – Ферол и на 22 октомври за средбата Студент – Бенфика во Ниш; на натпреварот во Ниш, Петар Денковски ќе биде ангажиран како комесар. Номинации добија и Андреј Златевски за Панатинаикос – Алба Берлин на 14 октомври, како и Ема Никочевиќ, која на 21 октомври ќе биде ангажирана на средбата Пансераикос – Монпеље во Серез, Грција.

Македонските официјални лица се присутни и во највисокото европско клупско натпреварување под капата на ФИБА: Владо Цветковски е номиниран како делегат на натпреварот Емлак Спор – УМСЦ Љублин, кој на 14 октомври ќе се одигра во Истанбул.

За Кошаркарската федерација на Македонија зголемениот број меѓународни номинации не е само статистика, туку признавање за луѓето кои со години вложуваат во Судиската организација и обврска да продолжат со посериозна едукација, професионализација и развој на нова генерација квалитетни судии и официјални лица. Посетата и разговорите со ФИБА Европа покажуваат дека професионалната институционална соработка дава конкретни резултати и Федерацијата ќе продолжи да инвестира во развој и меѓународна афирмација на нашите официјални лица.

Фото: Zafer / Wikimedia Commons (CC BY 4.0)

Поврзани написи