Продолжена е забраната за движење во шумите до 30 септември
Целосната забрана за движење на териториите што ги стопанисува ЈП „Национални шуми“ е продолжена до 30 септември и е можно движење само со писмено одобрение.

Поради зголемена опасност од појава на шумски пожари, е продолжена целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште, која ќе важи до 30 септември.
Забраната се однесува на територијата што ја стопанисува ЈП „Национални шуми“. Движењето во овие подрачја ќе биде можно исклучиво со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми“ – за подрачјата што ги стопанисуваат/управуваат, подружницата од Скопје.
Кој е ослободен и кој ја спроведува забраната
Со забраната не се опфатени Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми“, како и субјектите што вршат шумскостопански работи и заштита на шумите, и лицата што имаат писмено одобрение за движење во шумите.
За спроведување на забраната одговорни се вработените од ЈП „Национални шуми“ кои вршат дејност за заштита, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Шумската полиција и Министерството за внатрешни работи.
Од претпријатието појаснуваат дека забраната не се однесува на парк-шумите и националните паркови (на пример Водно). За условите за движење во овие подрачја граѓаните треба да се информираат кај правните субјекти што ги управуваат.
Целта на продолжувањето на мерката, како што објаснуваат надлежните, е да се намали ризикот од појава на пожари во критичниот период и да се овозможи навремен ангажман на службите овластени за заштита и интервенција.
Фото: Фејсбук