Почетна
Македонија

Производителите на пченица не можат да земат субвенции поради нови прописи

Новите правила за 2026 година бараат сертифицирано семе и ги зголемуваат праговите за површина и семе; Министерството вели дека може да се разгледаат измени и планира поедноставувања за 2027 година.

·Македонија
Производителите на пченица не можат да земат субвенции поради нови прописи

Земјоделците кои минатата есен ја насадија и годинава ја ожнеа пченицата велат дека нема да можат да ја остварат правото на субвенции, затоа што во Програмата за финансиска поддршка за 2026 година е воведен услов за употреба на сертифициран семенски материјал — барање што не било спомнато при сетвата.

„Лани имавме можност да поднесеме барање и за површините што сме ги саделе со свое семе и за тоа добивавме по 600 денари од декар. Од ова сезона, со новата програма што излезе минатата недела, можноста за аплицирање, доколку нема потврда за семенски материјал, е укината. Годинава зголемен е и прагот на минимална засеана површина, односно со помалку од 7 декари не можеш да аплицираш. Исто така, зголемен е и прагот на употребуван семенски материјал од минимум 15 килограми за декар на 20 килограми по декар,“ изјави земјоделец од Кривогаштани.

Во условите за 2026 година се наведени низа критериуми: минимална пријавена површина 0,7 хектари (7 декари); употреба на сертифициран семенски материјал во согласност со минималната количина од 200 кг семе по хектар; минимален просечен принос од 3.000 кг по хектар; и обврска произведената пченица да биде продадена во периодот од 1 јуни до 15 октомври 2026 година или да биде складирана кај регистриран откупувач. Директното плаќање за пченица со сертифицирано семе изнесува 18.000 денари по хектар.

Министерството вети разгледување и планирања поедноставувања

„Во однос на постојната Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година, Министерството ги разгледа сите доставени забелешки и иницијативи од земјоделските производители и нивните организации. Доколку анализата покаже дека одредени предлози се оправдани и издржани, а се доставени во период пред истекот на роковите за поднесување барања за конкретната мерка, може да се пристапи кон предлагање соодветни измени во согласност со законските процедури,“ соопшти Министерството за земјоделство.

Производителите дополнително алармираат на поевтиниот откуп и растот на трошоците: откупот, велат, почнал со 10 денари за килограм, а сега е 9,5 денари, додека трошоците се зголемиле најмалку 30 отсто во однос на лани. „Уште да не земеме субвенции и ќе бидеме во голем минус,“ предупредуваат земјоделците.

Министерството потсети дека не го утврдува откупот на пченица: „Министерството не ја утврдува откупната цена на пченицата, бидејќи таа се формира според пазарните услови, односно врз основа на понудата и побарувачката, квалитетот на производот и договорните односи меѓу производителите и откупувачите. Министерството ја следи состојбата во секторот и е во комуникација со сите засегнати страни со цел обезбедување услови за непречен откуп и стабилно производство на домашна пченица,“ истакна министерството, додавајќи дека за мерката 1.1 за 2025 година биле поднесени вкупно 13.794 барања.

Фото: МИА

Поврзани написи