Променливо облачно: дожд денес, снег на планините викендов
Управата за хидрометеоролошки работи предупредува на локални поројни врнежи и формирање снежна покривка до 20 см на планините.

Денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а локално врнежите ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на метар квадратен за 24 часа, информира Управата за хидрометеоролошки работи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Минималните температури ќе се движат од 3 до 8 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 12 степени.
Во Скопје ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб ветер од променлив правец, а температурата ќе се движи од минимални 5 до максимални 10 степени.
Прогноза за викендот
Под влијание на циклонска активност, за време на викендот времето ќе биде облачно и врнежливо. Во сабота на одредени места се очекуваат пообилни врнежи — над 30 литри на метар квадратен за 24 часа.
Со продор на постуден воздух од север, врнежите ќе преминуваат во дожд и снег во некои од пониските места, додека на повисоките места и на планините ќе бидат од снег. На планините се очекува формирање снежна покривка до 20 сантиметри, а помала покривка од 2 до 10 сантиметри ќе се формира и на повисоките места.
Во недела, кон крајот на денот, врнежите ќе престанат, а од понеделник времето ќе биде стабилно и студено.
Фото: прес-материјал од настанот


