Прв пациент со западнонилска треска во Пелагонија е од Долнени, Битола почнува дополнителна дезинсекција
Прв случај во Долнени; Битола воведува дополнителна дезинсекција, другите општини продолжуваат со планираните фази

Првото лице заразено од западнонилска треска во Пелагонија е од општина Долнени; во другите пелагониски општини засега не се евидентирани други заболени. Долнени е под надлежност на Центарот за јавно здравје во Прилеп.
Од Општина Прилеп соопштија дека на 7 и 8 август е спроведена втората фаза од адултицидната дезинсекција против комарци. Дезинсекцијата ја изврши Центарот за јавно здравје Скопје, додека стручен надзор врз спроведувањето вршеше Центар за јавно здравје од Прилеп. Со активностите беа опфатени околу 800 хектари, односно сите урбани заедници во градот Прилеп и селата.
Од пелагониските општини само Битола досега спроведува дополнителна дезинсекција против комарци, а во другите општини се одвива втората или третата фаза од планираните активности. Дополнителната дезинсекција во Битола почна денеска во соработка со Центарот за јавно здравје поради актуелната епидемиолошка состојба во земјата, вклучително прогласената епидемија на западнонилска треска на дел од територијата на Скопје, и потребата од засилување на превентивните мерки.
Апели до граѓаните и повик за меѓуопштинска координација
„Општината редовно ги спроведува превентивните мерки во континуитет од 2005 година. Се третира на критичните точки кои ги означува Центарот за јавно здравје и ова е една вонредна мерка во интерес на заштита и превенција од болестите кои ги пренесуваат комарците, меѓу кои и западнонилска треска“, рече градоначалникот Тони Коњановски.
Почна СМС кампања за информирање на граѓаните за западнонилската треска; досега има 38 заболени. Директорката на Центарот за јавно здравје, Светлана Поповска-Кљусева, апелираше до граѓаните да придонесат со лично чистење и заштита против размножување на комарците.
„Застоените води во дворовите мора да бидат исчистени, да се покријат бунарите, резервоарите, да се исчистат олуците. Исто така, важно е да се постават заштитни мрежи на вратите и прозорците, граѓаните лично можат да користат спрејови, гелови, стикови кои се прскаат на телото со цел да се одбијат комарците, да се избегнува излегување кога се комарците најактивни, навечер и во раните утрински часови, а кога се излегува во тој период да се носи облека со долги ракави и ногавици“, апелира Поповска-Кљусева.
Љупчо Стојановски, магистер по инженерство на животна средина, предупреди дека општината не е изолирана од околината и дека е поврзана со Битола и Прилеп преку густа сообраќајна мрежа и дневна фреквенција на луѓе и земјоделска механизација. „Неопходна е институционална меѓуопштинска координација во Пелагонија бидејќи комарецот не ја знае границата меѓу Долнени, Прилеп и Битола, ниту здравствените превентивни мерки смеат да застанат таму. Јавното здравство мора да делува превентивно пред вирусот да стигне до клиничка фаза, оти кога случајот ќе биде објавен во билтенот на регистрирани пациенти, превенцијата за таа сезона е веќе задоцнета“ вели Стојановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
Фото: Општина Биотла)