Псевдомонас аеругиноса потврден во гостиварскиот водовод; забрана за пиење продолжува
Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за здравство ги објавија бројките за прегледите, додека ограничувањата за употреба на водата остануваат на сила.

Опасната бактерија Псевдомонас аеругиноса, која е отпорна на антибиотици и предизвикува инфекции на кожата, очите и ушите, а особено е опасна за лицата со нарушен имунитет, е потврдена во гостиварскиот водовод, изјави денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Според него, медицинските докази укажуваат дека кај чувствителни лица бактеријата може да предизвика и инфекции на уринарниот тракт и на белите дробови.
Стручните лица оценуваат дека епидемијата стивнува, но нагласуваат дека состојбата со пациентите и понатаму будно се следи, додека терапијата се одредува симптоматски.
Бројки за здравствените прегледи
Министерството за здравство информира дека епидемиолошката состојба во Гостивар останува стабилна и континуирано се следи од надлежните здравствени институции. Оттаму соопштуваат дека на 2 август биле регистрирани вкупно 84 први прегледи, што е за 27 повеќе во споредба со претходниот ден, кога биле евидентирани 57 прегледи. И покрај дневното зголемување, бројот на прегледи останува значително понизок во однос на пикот од 18 јули, кога биле регистрирани вкупно 649 прегледи.
Инаку, трета недела по ред гостиварци сѐ уште се соочуваат со проблемите со водоснабдувањето, откако од 17 јули водата е забранета за пиење и за подготовка на храна. Техничка вода од градскиот водовод има од минатиот понеделник, но за повторна употреба на водата за пиење и готвење граѓаните засега добиваат само најави и апели за трпение.
Фото: прес-материјал од настанот