Почетна
Македонија

Работиме на надминување на слабостите констатирани од ДЗР – вели директорот на Пазарниот инспекторат

ДПИ вели дека започнал со активности за подобрување на финансиската евиденција, кадровското опремување и дигитализацијата.

·Македонија
Работиме на надминување на слабостите констатирани од ДЗР – вели директорот на Пазарниот инспекторат

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) соopшти дека ќе спроведе низа мерки за надминување на слабостите наведени во извештајот на Државниот завод за ревизија, во кој ревизорот дава неповолно мислење за објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеноста на работењето за ревидираниот период 2023–2024 година.

Кадри, евиденција и дигитални решенија

„По стапување на должноста, од наша страна беа согледани дел од недостатоците и предизвиците со кои се соочува институцијата. Токму поради потребата од целосен и независен увид во состојбите, беше поднесено барање за спроведување ревизија до ДЗР“, изјави директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски.

Стојкоски појасни дека Инспекторатот презема конкретни активности за отстранување на утврдените недостатоци, зајакнување на човечките капацитети, подобрување на финансиската и материјалната евиденција, како и унапредување на инспекциските постапки и дигиталните процеси. Тој додаде дека со поддршка од ЕУ се подготвува софтверско решение за сите работни процеси во институцијата.

Директорот посочи дека посебен акцент се дава на кадровското екипирање и зголемување на инспекторските капацитети, како и на обезбедување услови за континуирани лабораториски испитувања и контрола на небезбедни производи. „Преземените активности за надминување на утврдените недостатоци се започнати од 2025 година, додека ревидираниот период опфатен со извештајот е 2023–2024 година“, рече Стојкоски.

Во својот извештај, Државниот завод за ревизија укажа на недоволен број на кадар, недовршена дигитализација и слабости во финансиското и материјалното работење, како и на недоволно обезбедени услови за континуирана контрола на небезбедни производи. ДПИ ја поздрави работата на ДЗР и дадените препораки.

Инспекторатот информира дека ќе продолжи да работи на засилување на контролите и на модернизирање на административните и техничките системи за да ги исполни законските и безбедносните стандарди.

Фото: МИА

Поврзани написи