Работна група во Влада — нула активности на терен, токсичниот хром под ведро небо сѐ уште е закана за Рашче
Јаловината е експонирана и без ограда и покрај извештајот на ГИМ од 2024; министерот најави поставување ограда и дигитален мониторинг.

Над еден милион кубици јаловина контаминирана со шествалентен хром сѐ уште стои под отворено небо на депонија во близина на Јегуновце, на само стотина метри од првите куќи и на неколку километри по воздушна линија од изворот Рашче, од кој се снабдуваат околу 600 илјади жители на Скопје.
Работни групи, но без опипливи мерки на терен
И покрај формирањето работни групи, изработката на анализи и технички елаборати, одговорните институции сè уште не преземале конкретни активности на терен што би ги намалиле ризиците од истекување и трајно загадување на изворот. Не е поставена заштитна ограда, па така токсичниот отпад — кој зафаќа седум и пол хектари и е нагомилан во висина колку дванаесеткатница — е достапен за секого.
Министерот за животна средина, Муамет Хоџа, вели дека проблемот е на врвот на неговите приоритети и дека наодите од елаборатот на Градежниот институт Македонија (ГИМ), изработен уште во 2024 година, се дел од насоките за натамошно дејствување.
„Информацијата од првата работна средба доставена е до Влада и се преземаат конкретни чекори. Наредниот период ќе почне со поставување на оградата , а ќе ги разгледаме другите заклучоци на работната група“ рече Муамет Хоџа, министер за животна средина.
Тој во април годинава кажа дека на маса се пет до седум опции за решавање на проблемот со токсичниот отпад; изработени се елаборати без прецизна финансиска и временска рамка, а дислокација на друга локација или пренесување во наменски изградена депонија за спречување на натамошна контаминација се меѓу основните сценарија.
Со ребалансот на Буџетот, од министерството за животна средина се скратени средства кои беа наменети за изградба на пречистителна станица во Скопје; во моментот министерството има средства за исплата на обврски до крајот на годината.
Денеска Хоџа промовираше пет нови дигитални платформи кои ќе објавуваат податоци за состојбите во животната средина достапни за граѓаните, вклучително податоци во живо за емисиите на сите големи загадувачи со А-интегрирани дозволи, локации со диви депонии и видео надзор; тој рече дека платформите ќе го скратат и административниот процес за околу 30 чекори.
Огнен Чанчаревиќ
Фото: прес-материјал од настанот


