Ракетни напади врз Киев — околу дваесетина загинати и сериозни штети
Украина тврди дека Москва испрати 24 балистички и 4 хиперсонични ракети; ЕУ најави 1,4 милијарди евра од замрзнати руски средства.

Ракетните напади врз Киев и околните региони продолжуваат со висок интензитет — во последната серија на силини удари околу дваесетина лица загинаа, а стамбени објекти беа уништени или сериозно оштетени, при што избувнаа десетици пожари.
Според украинските власти, нападите биле изведени со "24 балистички и четири хиперсонични ракети", и како што се тврди, ниту една од нив не била пресретната од противвоздушната одбрана.
володимир зеленски – претседател на украина: „Пресретнувачите на балистички ракети можеа да ги спасат животите на оние што денес загинаа. Многу е важно нашите партнери да разберат дека доцнењето во испораката или неподготвеноста да се обезбедат противбалистички системи директно водат до вакви ужасни жртви и разорувања.“
Градоначалникот предупредува за затрупани под урнатините
Градоначалникот на Киев предупреди дека постои голема можност под урнатините да има голем број затрупани луѓе. Околу педесетина лица побарале медицинска помош, а дел од нив се со сериозни повреди.
Од руска страна негираат дека биле погодени стамбени објекти и велат дека цел биле логистички и дистрибутивни центри кои, како тврдат, се користеле за воени потреби. Министерството за надворешни работи на Русија ја обвини Европа дека се движи на погрешен пат и дека средствата испратени за поддршка на Киев можеле да бидат искористени за обнова.
марија захарова – портпарол на Министерството за надворешни работи на Русија: „Парите што Западна Европа ги испрати за поддршка на режимот во Киев, оваа таканаречена помош, можеа да се искористат за обнова на Украина во современ европски Дубаи. Зборувам за технологија и инфраструктура, од патишта, мостови и аеродроми до дигитализација на комерцијални и станбени згради. Таквата великодушност кон воените цели е во остра спротивност со скржавоста во конструктивните области.“
И покрај обвинувањата, Европската унија најави нова финансиска помош за Киев — 1.4 милијарди евра, приход од камата на замрзнатите руски средства, ќе им бидат префрлени на украинските власти.
Урсула вон дер Лајен - претседателка на Европската комисија: „Русија мора да плати за уништувањето што го предизвика. И ние ги користиме приходите од блокираните руски средства за да го обезбедиме тоа. И ставаме на располагање дополнителни 1,4 милијарди евра на Украина. Ова ќе го поддржи континуираниот отпор на Украина против нелегалната војна на Русија.“
Во последните недели нападите меѓу Русија и Украина се засилија: главна цел на руската офанзива беше Киев, додека украинските сили се насочија кон удари врз енергетските објекти.
Фото: прес-материјал од настанот