Раководителка на штедилница во Кавадарци осомничена за проневери и злоупотреби
Јавниот обвинител поведе предистражна постапка поради сомнежи за фиктивни кредити, претреси и предлог за одземање на патната исправа.

Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе постапка против едно лице и презеде предистражни дејствија поради сомнение за повеќе кривични дела: Злоупотреба на службената положба и овластување, Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем и Проневера во службата.
Постојат основани сомнежи дека осомничената, која беше раководителка на филијала на штедилница во Кавадарци, подолг временски период вршела измами и злоупотреби со средства на штедачите. На товар на оштетените се пласирани фиктивни кредити, а депозитите не им биле правилно евидентирани, со што осомничената прибавила противправна имотна корист.
Претреси и одземање на докази
Врз основа на судска наредба обезбедена од јавниот обвинител, вчера беа извршени повеќе претреси и беше одземена документација и други предмети за обезбедување докази.
Откако беа откриени дејствијата на осомничената, штедилницата го прекина нејзиниот работен однос.
Поради проценет ризик од бегство, јавниот обвинител достави предлог за определување мерки на претпазливост — одземање на патната исправа и обврска осомничената редовно да се јавува во судот.
Основното јавно обвинителство Кавадарци продолжува со активности за целосно испитување на настанот, се наведува во соопштението.
Фото: прес-материјал од настанот


