Почетна
Македонија

Расте отпорот против предлогот на Стопанската комора за празниците

Црквата, синдикатите, граѓанските организации и премиерот се спротивставуваат на идејата за намалување на неработните денови и преместување на празниците што паѓаат во недела.

·Македонија
Расте отпорот против предлогот на Стопанската комора за празниците

Сè поширок фронт се формира против предлогот на Стопанската комора на Северна Македонија за измени на Законот за празниците, со кои бизнис-заедницата предлага индиректно да се ограничи бројот на неработни денови по работник.

Предлогот и реакциите

Според нацрт‑предлогот што Комората ќе го достави до Министерството за економија и труд, секој работник при засновање работен однос би избирал два дополнителни неработни дена од групата празници што не важат за сите граѓани. Заедно со 11-те државни празници, тоа би значело вкупно 13 неработни денови по лице. Исто така, Комората предлага да се прекине практиката празниците што паѓаат во недела да се префрлаат како неработни денови во следниот работен ден.

По реакциите на синдикатите и опозициските партии, против предлогот се изјаснија и Мрежата за заштита од дискриминација. "Работничките права мора да бидат заштитени со закон и колективни договори. Индивидуалното договарање за користење на неработните денови може да доведе до ситуации во кои работниците, стравувајќи за своето работно место, ќе се откажуваат од правата што им следуваат. Правата на работниците мора да останат загарантирани и да не зависат од поединечни договори", велат од Мрежата.

Македонската православна црква – Охридска архиепископија исто така се произнесе дека не ја поддржува иницијативата, порачувајќи дека значењето на верските празници не може да се мери само преку економски показатели, бидејќи тие имаат духовна, културна и општествена вредност.

Во критичките редови се вброи и премиерот Христијан Мицкоски: „Во принцип мислам дека стекнатите права на работниците треба да се почитуваат и тука немам никаква дилема“, изјави тој.

Од Стопанската комора тврдат дека сегашниот систем создава организациски и финансиски предизвици за компаниите и негативно влијае врз продуктивноста. Како аргумент ја наведуваат анализа за 36 европски економии според која во 70 проценти од нив бројот на неработни денови се движи меѓу 11 и 14. Комората додава дека кога ќе се земат предвид дополнителните верски празници за православните верници, во Северна Македонија годишно бројот може да достигне и до 16 неработни денови.

Опозициската партија Левица најави контрапредлог – воведување шестчасовен работен ден и порача дека решението треба да се бара во подобрување на условите за работа, продуктивноста и животниот стандард, а не во намалување на работничките права.

Со вклучувањето на црквата, синдикатите, граѓанските организации, опозицијата и премиерот во дебатата, спорот околу празниците избувна во поширока расправа дали економската ефикасност може да се бара по цена на веќе стекнатите работнички права.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи