Реформата на министерот Мисајловски за професионалните војници е престава и популизам – Независниот синдикат достави свој предлог
Независниот синдикат бара еднакви пензиски права и договори на неопределено време за професионалните војници.

Независниот синдикат на професионалните војници (НСПВ) остро ги критикуваше вчерашниот предлог за реформа што го објави министерот за одбрана Владо Мисајловски, оценија дека станува збор за ПР-кампања и популизам кој ќе значи чекор назад за правата на професионалните војници.
Од Синдикатот појаснуваат дека идејата воени лица по навршување на 45 години да продолжат да работат во Армијата како цивилни, задолжени за обезбедување на армиските објекти, е „катастрофална понуда“ која ќе донесе и пониска плата и помала основица за пресметка на пензијата.
"Наместо да имаат еднакви права за пензионирање како активниот воен персонал, вие сакате професионалните војници да ги направите цивили. Со ова нема да им се трансформира работниот однос на неопределено време по петтата година, туку ќе продолжат да работат на определено време цели 20 години, а дури на 45-годишна возраст ќе им го трансформирате работниот однос, но како цивили, ако не ги избркате од работа, како во изминатиот период," рече Александар Насковски, претседател на НСПВ.
Синдикатот поднесе предлог-закон и бара брза процедура
НСПВ демантира дека претходно понудил решение и соопшти дека денеска до Собранието доставил свој предлог-закон. Во документот бара законодавна постапка по скратена процедура и донесување на законот во рок од седум дена.
"Денеска до Собранието го поднесуваме нашиот предлог-закон за трајно решавање на статусот на професионалните војници. Ќе се почитуваат еднаквите права со активниот воен персонал, а професионалните војници ќе останат на работното место до нивното пензионирање, со договор на неопределено време. Бараме овој предлог-закон да биде поддржан од собраниското мнозинство," рече Насковски.
Во спротивно, синдикатот најави протест на 7 ноември пред Владата; според нив, датумот бил утврден уште пред вчерашната прес-конференција на министерот.
Текст: Емилија Мисирлиевски
Фото: прес-материјал од настанот


