Уставниот суд едногласно ја отфрли иницијативата на СДСМ за оценка на уставноста на Резолуцијата за мигранти
Судот пресуди дека Резолуцијата содржи политички ставови, а не правни норми, па не е предмет на уставна контрола.

Уставниот суд едногласно ја отфрли иницијативата на СДСМ за оценка на уставноста на Резолуцијата со која Собранието го осуди, како што е наведено, манипулирањето и ја потврди политиката против нелегалната миграција.
Службената оценка на судиите беше дека текстот на Резолуцијата има карактер на политичка декларација и не содржи правни норми кои би вбројале во надлежноста на судот.
Нема правна норма — нема повод за уставна контролa
„Резолуцијата нема ниту една правна норма, сите се политички ставови, нема правна природа или последица во овој акт за да кажеме дека треба да навлеземе во оцена. Нема содржина што нам ќе ни го предизвика вниманието“, рече уставната судијка Ана Павловска-Данева.
Судиите додадоа дека политичките обвинувања меѓу партии и политичари се прашање за другите судови. „Овде станува збор за кавги меѓу политичарите и судот не треба да се впушта во тоа. Во содржината има само препукувања, имаат други судови и тие нека решаваат дали некој некого клевети“, рече судијата Фатмир Скендер.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, нагласи дека при оценката треба да се има предвид не само формата и содржината, туку и правните последици. „Апсолутно не гледам правна карактеристика што може да се припише на кој било дел од Резолуцијата“, рече Костадиновски.
Резолуцијата беше донесена по предлог на ВМРО-ДПМНЕ и на ЗНАМ, по серија прес-конференции на кои од опозицискиот СДСМ тврдеа дека владата има договор со Велика Британија за прифаќање на мигранти. По изгласувањето во Собранието, СДСМ ја оспори Резолуцијата пред Уставниот суд тврдејќи дека е во спротивност со член 16 од Уставот затоа што ја задушува слободата на мислата и врши цензура врз неистомислениците.
Одлуката на Уставниот суд е конечна во рамки на постапката за оваа иницијатива и ја затвора можноста за уставна оценка на овој акт.
Фото: прес-материјал од настанот


