СДСМ бара одговорност од Панче Тошковски по заминувањето на Ива Михаилова
Партијата тврди дека излезот од земјата е изведен „под маса“ и го поврзува случајот со сериозни пропусти во безбедносниот систем.

СДСМ бара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по заминувањето од земјата на Ива Михаилова, иако судот ѝ ги одзеде македонскиот и бугарскиот пасош. Од партијата велат дека македонското МВР соопштило оти нема евидентиран излез, а бугарската гранична полиција дека нема евидентиран влез.
Од СДСМ остро реагираат и тврдат дека начинот на постапување буди сомнежи за тајни договори во извршната власт.
СДСМ бара објаснување од МВР
„Сè се работи под маса. Договори што само тие во Владата ги знаат“, велат од СДСМ и повикуваат на јавно и конкретно објаснување како е изведен излезот од државата.
Партијата ја потсетува јавноста дека министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски претходно изјавил дека судската постапка е во надлежност на судството и дека извршната власт нема да се меша, и дека македонскиот здравствен систем може да обезбеди соодветна нега, а земјата е подготвена да прими бугарски лекари за консултации како гест на добра волја.
„Сега гледаме дека се пушта преку граница. Иако судот ѝ ги одзеде двата документи, македонски и бугарски пасош“, велат од СДСМ и бараат детали за контролата на границата во тој случај.
Од СДСМ го поврзуваат овој случај со други инциденти кои, според партијата, укажуваат на сериозни пропусти во безбедносниот систем: бегството на осомничениот наркодилер Цуната од полициска станица во Кочани; случајот со пет тони дрога што, според партијата, ја поминале границата; како и постапувањето на полицијата во случаи на насилство.
„До денес нема одговор како пет тони дрога ја поминале границата“, велат од СДСМ и додаваат: „Границата не е решето само за дрога и за бегалци од правда. Со Мицкоски, Тошковски и ВМРО границата е решето и кога судот ќе забрани“.
Фото: прес-материјал од настанот


