Почетна
Политика

Јанев: Немам информации дека Ива Михаилова била следена

Директорот на БЈБ апелира полицијата да не се меша во дневната политичка реторика и вели дека МВР интензивно ја истражува нејзината заминување.

·Политика
Јанев: Немам информации дека Ива Михаилова била следена

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, изјави дека нема информации македонските безбедносни служби да ја следеле Ива Михаилова пред нејзиното заминување од земјата и истакна дека употребата на интрузивни мерки се применува исклучиво врз основа судска или обвинителска наредба.

Што кажа Јанев на пресот

На заедничката прес-конференција со директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, Јанев повтори дека употребата на интрузивни мерки е строго регулирана и дека постапките се класифицирани.

„Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, во врска со такви интрузивни мерки, постапуваат исклучиво врз основа на судска или врз основа на обвинителска наредба. Постапката во таквите наредби е класифицирана. Тоа што можам да кажам е дека БЈБ и МВР постапуваат во секој еден предмет согласно законските овластувања. Овде, од страна на БЈБ или МВР, јас како директор такви информации немам“, изјави Јанев.

Тој апелираше професионалното постапување на полицијата да не се меша со политичките оценки и подвлече дека не сака институцијата да навлегува во дневнополитички теми.

„Би апелирал да ги одвоиме политичкиот моментум или интенцијата на конкретната личност или конкретната држава во деградирање или во вмешување на професионалниот дел на полицијата во своето постапување. Навистина не би сакал понатаму да навлегуваме во дневнополитички теми коишто на ваков или онаков начин ќе додадат дополнителен бустер за одредени останати теми“, додаде директорот на БЈБ.

Јанев го опиша случајот како сензитивен и рече дека Министерството за внатрешни работи интензивно работи на утврдување на сите околности околу заминувањето на Михаилова од земјата. „Ние како Министерство за внатрешни работи интензивно работиме на случајот – кој, како и што овозможил дотичната личност да се најде онаму каде што е во моментов. Се надевам кога ќе ги имаме сите информации, јавноста секако ќе биде информирана“, изјави Јанев.

Изјавите доаѓаат откако бугарскиот јутјубер Станислав Цанов објави снимки во кои Михаилова тврди дека од бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) ѝ се заканиле и дека ѝ рекле да му го даде првото интервју на одреден новинар. По објавувањето на материјалите, копретседателите на партијата „Да, Бугарија“, Ивајло Мирчев и Божидар Божанов, побараа истрага и оставка од шефот на ДАНС, Пламен Тончев.

Михаилова, која во октомври ја напушти земјата иако ѝ беше забрането, го негира притисокот и тврди дека во Бугарија добила помош и поддршка. Таа се суди во отсуство во Кочани за сообраќајна несреќа во која загина едно лице. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека досегашната истрага не ја лоцирала вината кај полициски службеници; безбедносните камери покрај граничните премини и на патните правци не ја регистрирале ниту неа ниту нејзиниот адвокат во критичниот период од последното забележување во локал во Кочани до појавувањето во бугарските медиуми кон средината на октомври.

Фото: МВР

Поврзани написи