Почетна
Политика

Тошковски праша зошто денешните протести не барале оставки во 2018 и 2022 година

Министерот за внатрешни работи рече дека бројот на фемициди бил ист и порано и го истакна зголемувањето на притворите во 2026 година.

·Политика
Тошковски праша зошто денешните протести не барале оставки во 2018 и 2022 година

Министерот за внатрешни работи Панчe Тошковски вечерва го постави прашањето зошто учесниците на денешниот марш против фемицидите не барале оставки во 2018 и во 2022 година, кога бројот на жртви, како што истакна, бил идентичен со бројот во 2026 година. Настанот се одржа под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилство“ и беше организиран од Унијата на жени, Градскиот комитет и Унијата на млади сили на ВМРО‑ДПМНЕ, во рамките на кампањата против родово базирано насилство „16 дена активизам“.

На настанот, тој ги обвини критичарите дека ги менуваат приоритетите во реториката. „Лажејќи се себеси, се обидуваат да го лажат и македонскиот народ дека ова што го прават и ова што денес, за нив е најголем приоритет бил и во 2022, бил и во 2018 година. Ама, кога тие биле на власт, тогаш не бил, но и тогаш седумте жртви на фемицид имале време и презиме, како што имаат и денес“, рече министерот.

Тошковски се обиде да ја постави и дилемата за сеќавањето на жртвите и континуитетот на реагирањето. „Паметите некое име од 2002 година? Тоа не е бројка. Седум жени загинале како последица на семејно насилство и во 2022 година. Дали некој од вас памети име на некоја од тие жени? Седум е бројката на загинати жени како последица на семејно насилство 2018 година. Дали некој од овие коишто протестираа денеска, граѓани на коишто им го разбирам гневот, го разбирам незадоволството, го разбирам разочарувањето, но дали некој од тие памети име на жена која го загубила животот како последица на семејно насилство во 2018 година“, запраша Тошковски.

Тој ги посочи и правните промени и бројките како мерка за активност

Министерот рече дека, за разлика од минатото, годинава е преземено конкретно дејство: во 2026 е променет Кривичниот законик со кој телесната повреда е определена како кривично дело за кое по службена должност постапува Министерството за внатрешни работи. Тој ги наведе и податоците за преземените мерки.

„Лани имаше 44 притвори за осомничените сторители на семејно насилство, годинава има 163,“ рече Тошковски, додавајќи дека тоа, според него, значи дека институционалниот одговор мерен преку изречени најстроги мерки притвор е зголемен за 300 отсто.

За одговорноста во општеството, тој нагласи дека полицијата е само една алка од системот. „Дали полицијата е таа којашто е единствена во рамки на системот општествен којшто треба да дејствува или има и други институции коишто треба да го дадат своето, невладини организации, а пред сè би тргнал од семејството“, рече тој.

Во финалото тој повика на заедничка цел и безбедност на најранливите. „Ве уверувам дека Македонија ќе си ја направиме поубаво место за живеење со работа и со отвореност, со храброст и со сплотеност. Ако ни е целта на сите да живееме во една безбедна Македонија, тогаш фокусот на Македонија мора да биде жената и детето“, нагласи Тошковски.

Денешниот марш во Скопје, организиран од граѓанската иницијатива „Ниту една повеќе“, почна пред Републичкото собрание и заврши во близина на Министерството за внатрешни работи. Пред МВР беше поставен импровизиран гроб; учесниците порачаа дека нема да бидат тивки и послушни и побараа итна институционална одговорност и навремена заштита на жртвите на родово базирано насилство.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи