Реконструкцијата на стадионот во Чегране остана незавршена и договорот е раскинат
Договор од март 2023 вреден околу 112.000 евра; исплатени околу 70.000 евра, Министерството го раскина договорот на 10 ноември 2025.

Реконструкцијата на фудбалскиот стадион во селото Чегране, општина Гостивар — чиј рок според тендерот требаше да заврши во декември 2023 година — на теренот не е реализирана и објектот е во руинирана состојба.
Доколку поминале речиси три години од предвидениот краен рок, на теренот нема трева и спортската инфраструктура не е функционална. За жителите ова е најголема болка — наместо реконструиран стадион, тие добиле руина.
„Фала Богу, му треба. Сè што може да направи ново, сè е добредојдено, но стадионот, колку што можам да видам, е катастрофа. Реновирањето треба да се направи и треба малку подобро да се види“.
„Туку тие што прават, како го прават, ни Бог не знае. Некој тендер го земал. И останал така како што е. Сега Чегране го користи во Гостивар. Па фала на нив што пуштат“.
Центарот за граѓански комуникации, кој ја анализирал јавната набавка, утврдил дека Агенцијата за млади и спорт во март 2023 година склучила договор со фирма-изведувач во вредност од околу 112 илјади евра, а досега се исплатени околу 70 илјади евра. Во Електронскиот систем за јавни набавки не се пронајдени анекси на договорот. Има и документи од надзорна фирма која тврди дека се работи на проектот, но втор надзор во 2025 година констатирал дека нема градежни активности.
Прашања за контролата и одговорноста
„Случајот во Чегране е еклатантен пример за слабостите во контролата на реализацијата на договорите за јавни набавки. И покрај постоењето на јасно утврдени рокови, надзор и договорни казни за доцнење, договорот истекол, значителен дел од средствата е исплатен, а стадионот не е ставен во функција. Отсуството на јасен одговор дали се преземени мерки за неисполнувањето на договорот го отвора прашањето дали постојните контролни механизми навистина обезбедуваат одговорност за реализацијата на јавните набавки, односно одговорност во трошењето на јавните пари“ – велат од Центарот за граѓански комуникации.
Министерството за спорт, како правен наследник на Агенцијата за млади и спорт, информира дека врз основа на документација презело правни мерки. Според нивниот одговор, договорот е раскинат на 10 ноември 2025 година поради неисполнување на договорните обврски од страна на изведувачот. Министерството ја наплатило банкарската гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот, во висина од 5% од неговата вредност, и најавува дека ќе продолжи со активности за создавање услови проектот да се реализира и спортскиот терен да биде ставен во функција.
Фото: прес-материјал од настанот


