Почетна
Македонија

Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ најавува целосна соработка по полициската акција

Ректоратот најави неограничена соработка со МВР и Обвинителството и ја повтори нултата толеранција за корупција.

·Македонија
Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ најавува целосна соработка по полициската акција

По објавата на МВР дека полициски службеници вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје поради сомнежи за злоупотреба на службена положба од страна на раководител на информатички сектор при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Ректоратот на универзитетот излезе со официјален став.

Во реакцијата се нагласува дека Универзитетот „Гоце Делчев“ овозможува целосна и неограничена соработка со МВР и Обвинителството со цел брзо и целосно расчистување на случајот и дека имаат нулта толеранција за корупција и злоупотреба на академската заедница.

Реакцијата на Ректоратот

Оттаму оценуваат дека ваквите случаи придонесуваат за обезбедување подобро, поквалитетно и пообјективно студирање и дека студентите и нивното образование остануваат во центарот на сите активности на Универзитетот.

„УГД останува посветен на темелните академски вредности, на чесност и вистинитост и останува проактивен во насока на сузбивање на девијантните појави. Нашите студенти и нивното образование остануваат во центарот на сите наши активности. Наставниот процес, академските обврски, научноистражувачката работа и меѓународната соработка со низа реномирани европски универзитети продолжуваат да бидат наш приоритет“, велат од ректоратот на УГД Штип.

Универзитетот дополни дека нема да дозволи каков било сомнеж за нарушување на трудот и вредноста на дипломите на илјадници чесни студенти, како и за угледот на вработените.

Претходно, од МВР информираа дека претресите во Штип и Скопје се случуваат во рамки на истрага за „злоупотреба на службена положба и овластување и оштетување и неовластено влегување во компјутерски систем“ која се однесува на раководител на информатички сектор при УГД Штип.

Фото: Архива

Поврзани написи