Претреси во Штип и Скопје поради сомнителна продажба на оценки на Универзитетот „Гоце Делчев“
Осомничен е R.T., раководител на ИТ‑секторот; при претрес настани пронајдена е поголема сума готовина, истрагата ја води Основното јавно обвинителство Штип.

Полициски службеници вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во рамки на истрага за сомнителни манипулации со оценки, испитни бодови и студентски досиеја на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Во фокусот на истрагата е вработен на универзитетот, идентификуван како R.T., раководител на ИТ‑секторот, осомничен дека незаконски интервенирал во електронската евиденција на студентите.
Претресите и наодите
Според првичните информации постојат сомнежи дека осомничениот менувал испитни бодови, бришел оценки и овозможувал запишување семестри на студенти кои не ги исполнувале потребните услови, во замена за паричен надомест. Сомнителните интервенции најчесто се однесувале на студенти од Турција.
При претресот на домот на осомничениот била пронајдена поголема сума готовина, но засега не е познат точниот износ ниту дали парите се поврзани со истрагата.
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР, по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип, вршат претреси во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на R.T., раководител на информатички сектор при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
„По целосно завршување на акцијата соодветно ќе ја известиме јавноста“, информираат од МВР. Подетални сознанија и евентуални обвиненија ќе зависат од резултатите од тековната акција.
Фото: прес-материјал од настанот


