Одземен пасош на газдата на „Санте плус груп“, истрагата за злоупотреби со очните операции продолжува
Судот изрече мерки за девет лица, болницата се обвинeва за двојно наплаќање што погодило 3.000–4.000 пациенти.

Кривичниот суд донесе мерки за претпазливост за девет лица осомничени во истрагата за злоупотреби поврзани со операции на очи, меѓу кои и за Билал Кара — претседател на Управниот одбор на Европската очна болница. На Кара му е одземен пасошот, му е забрането напуштање на државата и треба да се јавува во судот.
Кара е сопственик на „Санте плус груп“, фирмата под чија капа е Европската очна болница. Медиуми лани објавија дека Кара е барано лице со потерница од албанската полиција поради сомнежи за злоупотреби преку приватната клиника „Интернешнл медикер“, поранешна „Санте плус“.
Прашан дали еден од уапсените е лице кое се барало во Албанија и кое пред три години било назначено за почесен конзул во Турција, премиерот Христијан Мицкоски рече дека не знае за кого станува збор.
Обем на сомнежите и финансиската штета
Според кривичната пријава, Европската очна болница и покрај договорот со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), од каде примала пари за здравствените услуги, на пациентите им наплаќала и приватно. Оштетени се меѓу 3.000 и 4.000 пациенти, а штетата за буџетот на ФЗО е проценета на околу 1,7 милиони евра. Постојат сомнежи дека приватната болница се стекнала со противправна имотна корист од околу 4,25 милиони евра.
Во целиот случај вкупно се гонат 11 лица, меѓу кои и поранешниот директор на ФЗО, Ден Дончев, како и директор на Сектор за контрола и две раководителки од Фондот. Судските постапки треба да определат враќање на средствата и евентуални кривични одговорности.
Од Европската очна болница реагираа дека не наплаќале двапати. Во соопштението од болницата стои: "Нашата установа никогаш не оштетила ниту еден пациент, ниту од здравствен, ниту од морален или финансиски аспект. Повеќе од една година работиме без поддршка од Фондот за здравствено осигурување и успеавме да го зачуваме квалитетот на услугите и пристапноста на цените."
Фото: прес-материјал од настанот


