Почетна
Македонија

Ревизија: Македонски железници АД Транспорт има застарен возен парк и системски слабости

Државниот завод за ревизија открива дека мнозинството локомотиви и голем дел од товарните вагони се надвор од сообраќај.

·Македонија
Ревизија: Македонски железници АД Транспорт има застарен возен парк и системски слабости

Ревизорскиот извештај за работата на Македонски железници АД Транспорт за 2024 година открива застарен возен парк и низа оперативни недостатоци: мнозинството локомотиви и патнички единки не биле во функција, додека голем дел од товарните вагони немале важечка ревизија.

Клучни наоди

Во 2024 година друштвото поседувало 62 локомотиви, од кои само девет биле во функција; од 16 патнички гарнитури, пет биле оперативни, а од 47 патнички вагони само два биле во редовен сообраќај. Возниот парк е оценет како стар околу 40 години.

Од вкупно 1.382 товарни вагони, само 378 имале важечка ревизија и биле способни за сообраќај, додека 1.004 имале истечена ревизија и биле надвор од сообраќај. Ревизијата се прави во зависност од видот на вагоните, но меѓу две ревизии не може да поминат повеќе од шест години.

Извештајот потсетува дека со кредит од Европската банка за обнова и развој во 2015 година биле набавени од Кина четири нови триделни дизел‑моторни гарнитури и две триделни електромоторни гарнитури за патнички сообраќај, како и 150 нови вагони (75 плато и 75 отворени).

Во финансискиот дел е констатирано дека МЖ Транспорт континуирано бележи загуби; загубата за 2024 година изнесува 331,8 милиони денари. Со пренесените загуби од претходните години, за 2024 година акумулираната загуба достигнува 109 милиони евра.

Ревизорите утврдиле дека во контролираниот период немало ниту патнички ниту товарен сообраќај на станиците во Гостивар, Тетово, Кочани, Кичево и Штип, но на тие локации биле ангажирани 20 вработени на работни места поврзани со извршување на сообраќајни услуги (шефови на станици, станични благајници и оперативни помошници) и за нив биле исплатени речиси 14 милиони денари бруто‑плати; како дел од месечните примања им биле исплаќани и надоместоци за работа во недела, за работа во денови на празници и за квалитет.

Во делот на информатичко‑комуникациските системи ревизорите утврдиле користење опрема и системи постари генерации без договори за одржување и техничка поддршка од овластени добавувачи, а деловните апликации работат на застарени платформи без поддршка од производителите. Од 40 работни места предвидени со систематизацијата за ИКТ, биле пополнети осум, од кои четири со договор за вработување, додека ангажираните по авторски договори биле поранешни вработени.

Ревизорите исто така констатирале точење гориво во нерегистрирани возила и случаи на точење во возило со регистарска ознака кое не е во сопственост на друштвото. Дополнително, е утврдена прекумерна потрошувачка на вода за административни и услужни дејности; фактурите за вода во 2024 година изнесувале 5,5 милиони денари.

По добивањето на забелешките, Управниот одбор на МЖ Транспорт АД констатирал дека „значителен дел од констатираните состојби претставуваат долгогодишни системски слабости, чие надминување бара континуирани активности“.

П.ПЕЧКОВ

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи