Ревизија: „Мој Термин“ 738 дена без договор за одржување, ризик од сопственички спорови и загрозување на податоците
Ревизорот нотира 738 дена без договори за одржување, концентрација на вложувања, регистрација на поимот и слабости во ИТ‑безбедноста.

Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за информацискиот систем „Мој Термин“ утврдува дека од 1 јануари 2021 година до 30 април 2026 година системот не бил покриен со договори за одржување вкупно 738 дена, што претставува 37,9 отсто од анализираниот период. Договорите за одржување се склучувале на годишно ниво, без обезбедување континуитет. Во истиот период за одржување на „Мој Термин“ и поврзаните системи во јавното здравство се вложени 333,3 милиони денари (5,42 милиони евра), при што само девет отсто од средствата се однесуваат на националниот здравствен информатички систем, а 91 отсто на други системи во јавното здравство.
Во ревизијата — насловена „Мој Термин - оптимизација на здравствените процеси и подобрување на квалитетот на здравствената заштита“ — не се опфатени трошоците за апликативните софтвери и нивното одржување што ги користат матичните лекари и приватните здравствени установи. Утврдено е дека 48 отсто од вкупните вложувања во ЈЗУ кои користат други информациски системи се концентрирани кај три софтверски компании, што упатува на зголемен ризик од концентрација и ограничена конкуренција.
Институционални празнини, сопственички права и кадар
Управата за електронско здравство не изработила функционална анализа за потребите од кадар и пополнети се само 29 отсто од предвидениот број на вработени; дел од потребите се покриваат преку договори по дело кои се склучуваат на годишно ниво. Иако Управата е надлежна за развој и надградба на интегрираниот здравствен информатички систем, таа нема ингеренции за спроведување јавни набавки поврзани со „Мој Термин“. Поимот „Мој Термин“ не е регистриран и правно заштитен од надлежните институции, туку од економски оператор со кој Министерството за здравство склучува договори за одржување на системот. Ова значи дека Министерството не е носител на авторските права над поимот „Мој Термин“, туку тие права ги контролира приватен економски оператор и постои ризик од спорови за интелектуална сопственост на „Мој Термин“.
Централниот систем за електронска евиденција на работното време и националниот систем за материјално‑финансиско и сметководствено работење во јавните здравствени установи не се воспоставени. Системот за евиденција на медицинската опрема, поради нецелосни податоци, не овозможува медицинските апарати да бидат искористени во целост и со нивниот целосен капацитет, а отсуството на функционални национални системи е поврзано со недостиг на здравствени работници. Во 2024 година економскиот оператор кој го одржува Националниот систем за електронски евиденции во здравството го регистрирал поимот „Мој Термин“ во Државниот завод за индустриска сопственост и почнал постапка за регистрација на логото на „Мој Термин“, кое ревизијата забележува дека е многу слично на оригиналното лого на системот.
Анализата на системот за СМС нотификации за закажан или откажан термин покажа сериозни недостатоци. Во Градската општа болница „8 Септември“ — Скопје, во периодот од 1 јануари 2021 до 30 април 2026 година бројот на доставени СМС пораки за потсетување на закажан термин бил значително помал од вкупниот број на реализирани упати и изнесува само 10,1 отсто. Ревизијата дополнително укажува дека во системот „Мој Термин“ кај оваа болница не се евидентираат хируршки интервенции, иако болницата е една од најоптоварените во државата, а функцијата за транспарентност на листите за чекање не ја одразува реалната состојба поради недостиг на клучни податоци.
Контролите на Министерството за здравство во ЈЗУ не биле континуирани: во 2023 година биле планирани 62 контроли, од кои биле реализирани 24 (38,7 отсто), додека во 2024, 2025 и 2026 година не биле донесени годишни планови ниту биле спроведени контроли. Ревизијата утврди и посебни слабости во областа на ИТ‑безбедноста и заштитата на личните податоци: не се имплементирани процедури и контролни механизми за управување со корисничките пристапи, следење на активностите во системот и заштита на чувствителните податоци. Исто така е утврдено дека не се воспоставени стандарди за сертификација и одобрување на софтверски решенија, ниту механизми за валидација и контрола на внесените податоци.
Ревизијата ги нотира постоењето на повеќе приватни дигитални платформи и портали, меѓу кои „моЕ‑здравје“, „Мој лекар“ и „мои доктори“, кои може да создадат забуна кај населението и пациентите за тоа кој систем е официјален. Порталот „моЕ‑здравје“ наведува дека негови партнери се и: Мој Термин, Фондот за здравствено осигурување и Здружението на приватни лекари. Констатирано е дека не се донесени ажурни политики и процедури за пристап до медицинските и личните податоци, не се ажурирани изјавите за доверливост и не се назначени офицери за заштита на лични податоци, што, според ревизијата и потврдата од Агенцијата за заштита на личните податоци, создава висок ризик од неовластен пристап и злоупотреба. Да се превземат мерки за континуирано одржување, зајакнување на ИТ‑безбедноста и заштитата на личните податоци и воспоставување интегрирани контролни механизми се меѓу препораките што ги содржи извештајот.
Фото: прес-материјал од настанот


