Почетна
Македонија

Ревизија: „Мој Термин“ имаше 738 дена без договори за одржување и ризик од загуба на податоци

Ревизорите укажуваат на долги прекини во одржувањето, пополнетост од 29% во Управата и ризик за податоците.

·Македонија
Ревизија: „Мој Термин“ имаше 738 дена без договори за одржување и ризик од загуба на податоци

Државниот завод за ревизија утврдил сериозни слабости во функционирањето и управувањето со националниот здравствен информатички систем „Мој Термин“ и поврзаните сервиси.

Во периодот од 1 јануари 2021 до 30 април 2026 системот немал покриеност со договори за одржување вкупно 738 дена, што изнесува 37,9% од анализираниот период. За одржување на „Мој Термин“ и поврзаните системи во јавните здравствени установи биле издвоени 333,3 милиони денари.

Кадровски и управувачки недостатоци

Ревизијата открила и кадровски и управувачки слабости. Управата за електронско здравство има пополнетост од само 29% од предвидените работни места, а дел од потребите се покриваат преку договори на дело. Не се воспоставени стандарди за сертификација и одобрување на софтверските решенија, ниту доволни механизми за контрола и валидација на податоците.

Констатирани се и недостатоци во следењето на закажаните термини, во функционирањето на СМС-потсетувањата и во евиденцијата на хируршките интервенции, што може да ја доведе во прашање точноста на оперативните записи.

Посебен ризик е утврден во областа на ИТ-безбедноста и заштитата на личните и медицинските податоци. Ревизијата укажува дека недостасуваат соодветни процедури за управување со пристапите, за следење на активностите и за обезбедување резервни копии и континуитет на системите.

Наодите покажуваат конкретни ризици за континуитетот на услугите и заштитата на податоците на пациентите доколку надлежните институции навремено не спроведат корективни мерки и не зајакнат техничките и управувачките механизми.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи