Ревизија: Недостатоци во работа и евиденција во Државниот пазарен инспекторат
Државен завод за ревизија нотира недоволен број инспектори и пропусти во материјалната евиденција по 28.263 надзори во 2024 година.

Најновиот извештај на Државниот завод за ревизија откри повеќе слабости во работењето на Државниот пазарен инспекторат: недоволен број инспектори, проблеми во дигитализацијата и пропусти во финансиската и материјалната евиденција.
Ревизијата констатира дека во 2024 година ДПИ реализирал 28.263 инспекциски надзори, од кои 21.108 редовни, 5.106 вонредни и 2.049 контролни надзори. Надзорите ги спроведувале 148 инспектори, односно 47% од вкупно 313 систематизирани работни места за инспектори.
Кадар и распоредувања
Во текот на 2024 година биле донесени 19 решенија за распоредување административни службеници на инспекторски места без претходно обезбедени средства во буџетот, а тие распоредувања не биле предвидени ниту во Годишниот план за вработување. Од 19 лица, 17 биле распоредени како кандидати за инспектори без лиценца, а две лица како лиценцирани инспектори со право на додаток на плата.
Ревизорите исто така утврдиле дека пет одделенија немаат раководител, што укажува на потреба од екипирање на раководните работни места. ДПИ нема објект за чување на предметите одземени при инспекцискиот надзор до нивно предавање во Агенцијата за управување со одземен имот, што создава ризик од несоодветно чување, субјективно постапување и евентуални загуби со финансиски последици.
Попустите во материјалното работење се одразуваат и во непотполн попис: пописот на средствата и обврските не бил целосно спроведен, а во материјалната евиденција не биле внесени набавки со вкупна вредност од околу 2,15 милиони денари. Иако по преземањето на Инспекторатот во состав на Министерството за економија и труд бил предвиден вонреден попис, истиот до денот на ревизијата не бил реализиран.
За надминување на утврдените слабости ревизорите препорачуваат зголемување на човечките ресурси, воспоставување електронски регистри и информациски систем за инспекцискиот надзор, подобрување на финансиската и материјалната евиденција и унапредување на инспекциските постапки.
Фото: прес-материјал од настанот


