Ревизија: сериозни неправилности во финансиското работење на Општина Кичево за 2024 година
ДЗР изрази неповолно мислење поради недоволна наплата на приходи, пропусти во јавните набавки и договор за јавно‑приватно осветлување вреден над 6,1 милиони евра.

Државниот завод за ревизија утврди сериозни неправилности во финансиското работење на Општина Кичево за 2024 година и изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и усогласеноста со законските прописи.
Ревизорите констатирале недоволна наплата на сопствените приходи, постоење на застарени побарувања и пропусти во постапките за јавни набавки. Исто така, во ревизијата се нотирани капитални проекти кои се реализирани без соодветна документација и без стручен надзор.
Јавно‑приватното партнерство за осветлување во фокусот
Особено внимание привлекува јавно‑приватното партнерство за модернизација на јавното осветлување, со договорна вредност од над 6,1 милиони евра со ДДВ и обврска за исплата во период од 15 години. Ревизијата утврдила значајни отстапувања во постапката и реализацијата на договорот, кои создаваат финансиски и правни ризици за општинскиот буџет.
Меѓу другите забелешки се и неправилности кај капиталните инвестиции, вклучително и проектот за рекреативниот парк во Зајас, каде што затекнатата состојба не одговарала на договорените работи.
Ревизорите исто така посочуваат дека има неажурни евиденции за данокот на имот, ненаплатени комунални такси, исплати без соодветна документација и трошоци за неактивни телефонски броеви. Извештајот предупредува дека ваквите слабости ја изложуваат општината на ризик од недоволна наплата и нерешени финансиски обврски.
Фото: прес-материјал од настанот


