Родилки се жалат на доцнење на парите за породилно, ФЗОМ: нема застој
Мајки алармираат дека не добиле пари за јуни; ФЗОМ тврди дека поголемиот дел од исплатите се завршени и дека остануваат само поединечни предмети.

Родилките низ земјава во последните денови масовно пријавуваат на социјалните мрежи дека сè уште не ги добиле парите за породилно отсуство за месец јуни, иако веќе е средина на август. Во објавите тие опишуваат финансиски притисок и неизвесност додека чекаат средства за основни потреби.
На социјалните мрежи се споделуваат пораки и прашања од типот: „Дали доби денес некој патолошка или породилно?“, „Мајки, пишете ако добиете исплата денес“ и „Дали некој доби денес исплата на трудничко за јуни?“, а многумина велат дека од надлежните институции немаат добиено конкретен одговор кога парите ќе бидат префрлени на нивните сметки.
ФЗОМ: најголемиот дел од исплатите се завршени
На барањето за објаснување, Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) категорично негира дека има застој во исплатите. Во официјалното соопштение испратено до медиумите се вели: "Кај најголемиот дел од корисниците, постапката за исплата на надоместокот за породилно отсуство за јуни е завршена. Постои незначителен број предмети кај кои исплатата сè уште не е реализирана, главно поради потреба од дополнување или корекција на податоците и документацијата, потребни за комплетирање на конкретниот предмет".
Во соопштението ФЗОМ појаснува дека не постои еден единствен фикс датум во месецот за исплата на надоместоците за породилно отсуство и отфрла дека користењето на годишните одмори на вработените го блокира процесот. Од таму додаваат дека постапката е континуирана и дека секој предмет се обработува според неговата комплетност, при што по приемот следат проверка, контрола и одобрување пред да се изврши исплатата.
Родилките, пак, бараат трајно и системско решение. Тие истакнуваат дека не бараат привилегии, туку почитување на законски загарантираното право, и предупредуваат дека борбата со негативниот демографски тренд нема да се реши со декларативни стратегии и маркетинг кампањи, туку со навремена финансиска поддршка на семејствата.
Фото: прилог МРТ