Родилките со месеци без надоместоци — Левица ја обвинува Фондот за здравствено осигурување
Левица бара итна исплата и јавно објаснување за делумните исплати; загрижуваат најранливите — родилки на боледување поради патолошка бременост.

Левица предупреди дека во последните денови до партијата пристигнале нови сведоштва од родилки кои потврдуваат дека хаосот со исплатата на породилните надоместоци во Фондот за здравствено осигурување продолжува.
Според сведоштвата, дел од жените укажуваат дека не добиле никаква исплата, дел добиле само дел од средствата што им следуваат по закон, а голем број уште не добиле информација кога ќе им биде извршена исплатата.
Особено загрижуваат случаите со патолошки бремености
Евгенија Станкоска на прес-конференција посочи дека меѓу најранливите се жените кои се на боледување поради патолошка бременост, кои имаат дополнителни трошоци и токму во период кога им е најпотребна финансиската сигурност остануваат без приход со месеци.
Станкоска нагласи дека породилниот надоместок не претставува владина помош, туку законско право што произлегува од работниот однос и од придонесите што жените со години ги уплаќаат во системот. "Вашиот труд е вреден додека создава профит, а вашето мајчинство е вредно само додека служи како статистика за наталитет и како декор за конзервативни политички говори", рече Станкоска.
Од Левица обвинија дека новиот директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, не успеал да стави крај на проблемот, а министeрот за здравство, Сашо Клековски — кој до неодамна ја извршуваше функцијата директор на Фондот — не може да се дистанцира од одговорноста. "Бараме итна исплата на сите заостанати породилни надоместоци. Понатаму, јавно објаснување за делумните исплати, воспоставување јасни и фиксни рокови за исплата на породилните надоместоци, а Фондот за здравствено осигурување да престане да ја префрла одговорноста и конечно да го реши проблемот", рече претставничката на Левица.
Фондот пак соопштил дека не се работи за прекин на исплатите, туку за континуиран процес на обработка и исплата на предметите во согласност со законски утврдениот ред и динамика на нивното комплетирање, додека граѓаните и натаму пријавуваат доцнење на паричните надоместоци за боледувања и породилно отсуство.
Фото: Принтскрин од прес-конференција на Левица