Руската амбасада во Македонија ги отфрла обвинувањата на АНБ за пропагандна мрежа
Амбасадата тврди дека побарала средба со МНР и АНБ, но не добила одговор и не признава поврзаност со пропагандни активности.

Амбасадата на Руската Федерација во Македонија ги отфрла обвинувањата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за постоење пропагандна мрежа во земјата која, како што се тврди, дејствува во интерес на Русија, и информира дека досега не добила одговор на испратената дипломатска нота.
Од дипломатската мисија велат дека веднаш по соопштението на АНБ се обратиле до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и побарале средба помеѓу рускиот амбасадор и раководството на Министерството и АНБ за да добијат појаснувања за изнесените тврдења.
„За жал, до денес не само што не е одржана средбата, туку не е добиен ниту одговор на соодветната нота на Амбасадата“, се наведува во реакцијата на Амбасадата.
Амбасадата ги оспорува квалификациите
Руската дипломатска мисија категорично ги отфрла тврдењата за поврзаност на Русија со ширење пропагандни материјали и го оспорува квалификувањето на активностите што се предмет на истрага како „проруски хибридни активности“.
„Решително ги отфрламе неоснованите обвинувања против нашата земја за ширење пропагандни материјали, кои, како што се тврди во соопштението на АНБ, имале за цел да ‘се поткопува довербата во институтциите’ и ‘се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост’“, стои во соопштението на Амбасадата.
Во реакцијата се додава дека обвинувањата кон Русија можат да се толкуваат и како обид за префрлање на одговорност за проблемите во односите на Македонија со дел од нејзините потенцијални партнери од Европската унија, и дека Амбасадата и натаму очекува официјални разјаснувања од македонските институции.
АНБ, во соопштението од 1 октомври, јави дека на 18 септември — во координација со Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство — биле спроведени истражни дејствија против македонски државјанин осомничен за поврзаност со странски фактори и пропагандна мрежа.
Според АНБ, при претресот во домот на осомничениот биле одземени предмети за дополнително вештачење, а истрагата се однесува на сомневања за поттикнување национална, расна и верска омраза, откривање службена тајна и ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем. Агенцијата наведува дека мрежата користела клонирани портали со македонски интернет домени, поврзани со регионални проруски политички структури, преку кои, според АНБ, се ширеле дезинформации и се поткопувале евроинтегративните процеси на земјата.
Фото: прес-материјал од настанот


