Сѐ помалку деца во Северна Македонија: бројот по домаќинство се намалува, фертилитетот под прагот за обнова
Уделот на домаќинства со деца опаѓа, просечното бројче падна од 0,80 (2015) на 0,60 (2025), фертилитетот останува под 2,1.

Податоците за 2025 година покажуваат продолжување на трендот на намалување на бројот на деца во домаќинствата во Северна Македонија, иако земјата сѐ уште има повисок удел на семејства со деца од просекот на Европската унија. (23 ноември 2026)
Помалку деца по домаќинство, фертилитет под прагот за обнова
Според Евростат и Државниот завод за статистика, од вкупно 595.600 домаќинства во Северна Македонија во 2025 година, 202.200 или 33,9% имале издржувани деца, додека 393.400 или 66,1% биле без деца. За споредба, во ЕУ 76,6% од домаќинствата живееле без деца, а само 23,3% имале најмалку едно дете под 18 години.
Просечниот број деца по домаќинство во Северна Македонија опаднал од 0,80 во 2015 година на 0,60 во 2025 година. Големината на домаќинството останува поголема од европскиот просек — 3,1 членови во земјата наспроти 2,3 во ЕУ.
Стапката на фертилитет во 2025 година изнесувала 1,35 живородени деца по жена — приближно еднаква на просекот на ЕУ, но значително под нивото од 2,1 потребно за природна обнова. Постојат и регионални разлики: Скопскиот Регион има највисок фертилитет од 1,73, потоа Североисточниот со 1,40 и Пелагонискиот со 1,36, а најнизок е во Источниот Регион со 1,16 деца по жена.
Државниот завод за статистика забележал 15.850 живородени деца во 2025 година, што е за 1,3% помалку отколку претходната година. Вкупно биле евидентирани 15.932 раѓања, од кои 82 биле мртвородени. Најголем дел од раѓањата — 31,7% — биле кај мајки на возраст од 25 до 29 години. Просечната возраст на мајката при раѓање изнесувала 29,8 години, а кај прворотките 28,2 години. Во текот на 2025 година биле регистрирани 15 живородени деца од мајки помлади од 15 години. Вонбрачните живородени деца изнесувале 1.868 или 11,8% од вкупните живородени.
Во подолг временски период се гледа значителна промена во структурата: децата на возраст од 0 до 17 години сочинувале 19,8% од населението во 2025 година, со што земјата е на осмото место меѓу 36 европски држави. Тоа е пад од 30,2% во 1994 и 22,1% во 2010 година. Во ЕУ просекот во 2025 бил 17,6%, а проекциите укажуваат на можен пад до 15,6% до 2050 година.
Покрај демографските индикатори, податоците за животниот стандард покажуваат и економски предизвици за семејствата. Во ЕУ во 2025 година 27,3% од лицата што живеат во домаќинства со деца не можеле да си дозволат еднонеделен одмор надвор од домот; 8,5% не можеле соодветно да ги загреат своите домови; а 8% не можеле да си обезбедат месо, риба или соодветна вегетаријанска замена секој втор ден. Податоците за Северна Македонија сѐ уште не се објавени во базата на Евростат, но според податоците од соседните земји, неможноста да се загрее домот била 33,6% во Албанија, 18,1% во Грција, 16,1% во Бугарија и 9,3% во Србија.
Фото: прес-материјал од настанот


