САД постепено ги враќаат дипломатите во амбасадите на Блискиот Исток
Враќањето на персоналот, според интерен план на Стејт департментот, почнува оваа недела и опфаќа осум земји со делумни ограничувања во некои мисии.

Соединетите Американски Држави се подготвуваат постепено да ги вратат дипломатите во амбасадите на Блискиот Исток кои беа евакуирани пред и за време на војната со Иран, стои во интерен документ на Стејт департментот. Враќањето, според документот, би можело да почне уште оваа недела и ќе се реализира преку постепено укинување на вонредните мерки.
Планот ги опфаќа амбасадите на САД во Израел, Либан, Саудиска Арабија, Катар, Јордан, Оман, Ирак и Кувајт. Според документот, први би требало да се вратат службениците во амбасадата во Либан, но таа ќе биде пополнета само делумно во почетокот.
Делумни ограничувања и целосни враќања
Целосно враќање на персоналот е предвидено за амбасадите во Израел, Јордан и Оман. Во дипломатските претставништва во Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Катар и Либан бројот на вработени ќе биде ограничен на околу 85 проценти, додека во Ирак, Кувајт и Бахреин тој ќе биде ограничен на околу 75 проценти.
Стејт департментот наведува дека безбедносната ситуација во дипломатските мисиони се оценува континуирано и дека нивото на присуство ќе се прилагодува за да се овозможи спроведување на американската надворешна политика со заштита на персоналот.
За време на конфликтот, американските амбасади и нивниот персонал беа изложени на напади со дронови и ракети поврзани со Иран и неговите регионални сојузници, поради што дипломатските работници во претходните месеци беа повлекувани или работеа од далечина. Враќањето на дипломатите во мисиите се толкува како сигнал дека опасноста од непосредна ескалација е намалена, но официјални лица предупредуваат дека тоа не значи дека е постигнат траен мир.
Истовремено, преговорите меѓу САД и Иран за продолжување на прекинот на огнот се во застој, а Вашингтон се закани со нови економски санкции за Техеран. Американските функционери оценуваат дека враќањето на персоналот може да укажува на настојување на администрацијата на Трамп да избегне нова ескалација, но дека одлуката не ја исклучува можноста за повторна евакуација доколку безбедносната ситуација се влоши. Трамп го запре нападот врз Иран, но постави еден услов.
Фото: Архива на