Почетна
Свет

САД пренасочуваат 52 милиони долари воена помош од Словачка, Северна Македонија, Тунис и Ирак кон Централна и Јужна Америка

Стејт департментот извести дека 52 милиони долари ќе се пренасочат кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија, додека дел од средства за првичните приматели ќе останат неопределени.

·Свет
САД пренасочуваат 52 милиони долари воена помош од Словачка, Северна Македонија, Тунис и Ирак кон Централна и Јужна Америка

САД ја пренасочуваат сумата од 52 милиони долари во рамки на програмата за странско воено финансирање (FMF) која првично беше наменета за Словачка, Северна Македонија, Тунис и Ирак, кон Панама, Перу, Еквадор и Колумбија, соопштија од Стејт департментот до Конгресот.

Пренасочувањето не ја укинува целосно програмата за странско воено финансирање за Тунис, Ирак, Северна Македонија или Словачка, но од Стејт департментот не наведоа колкава точна сума ќе остане на располагање за секоја од овие земји.

Од Стејт департментот истакнаа дека тековната распределба на финансиските средства „не е во согласност со приоритетите на администрацијата“.

Државниот секретар Марко Рубио минатата недела ги посети Колумбија, Еквадор и Перу и им вети дополнителна поддршка, откако администрацијата му даде поголем приоритет на западната хемисфера, со акцент на борбата против трговијата со дрога и илегалната имиграција.

Дел од поширока промена на американската надворешна политика

Овој потег беше презентиран како дел од поширока реориентација на безбедносните и воените ресурси, со одлив на одредени фондови и воени капацитети од Европа и Блискиот Исток. Промените следат по низата одлуки со кои се намалени финансиските средства или бројот на распоредени војници во Европа, по критиките на претседателот Доналд Трамп дека сојузниците од НАТО не издвојуваат доволно средства за одбраната. Северна Македонија и Словачка се членки на НАТО.

Од Стејт департментот соопштија дека средствата ќе се користат за „борба против нарко-тероризмот во нашето непосредно соседство и за помош во одржувањето на безбедноста на Панамскиот Канал“, додавајќи дека западната хемисфера историски била запоставена во однос на американската воена помош. Исто така порачaaа: „Овие средства ќе ги спречат противниците да воспостават стратешки упоришта во нашата хемисфера.“

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи