Почетна
Македонија

Санацијата на куќата на Аликара во Велес е запрена: нема стручен градежен инженер

Реконструкцијата застана пред повеќе од една година откако беа отстранети скелите; НКЦ посочува недостиг на специјализиран кадар и вети надворешни соработници до крајот на септември/почетокот на октомври 2026.

·Македонија
Санацијата на куќата на Аликара во Велес е запрена: нема стручен градежен инженер

Куќата на Аликара во Велес и понатаму останува без ветената санација — една година откако беа отстранети градежните скелиња реконструкцијата е сопната. Претходно беа направени внатрешни зафати, саниран беше кровот и беа зацврстени ѕидовите, по што скелите, кои беа поставени две години, беа отстранети, но понатаму не се работи.

Сопственикот Пане Апасиев, кој живееше во куќата со сопругата, почина ова лето пред да ја дочека обновата. Додека беше жив, Апасиев, кој е татко на пратеникот и лидер на Левица Димитар Апасиев, велеше: „Додека бевме финансиски моќни, баравме дозвола да санираме, не добивавме, потоа државата со години ветуваше и ништо не се случуваше“.

Куќата на Аликара е пример за стар градски архитектонски амбиент во Велес. Според пишаните документи, објектот е изградeн во средината на 19 век, бил бегова куќа, подоцна купен од бавчованџијата Аликара, па од семејството Апасиеви. Се наоѓа во близина на старото градско јадро Варналиите, чијашто традиционална куќна структура исто така е во лоша состојба; една таква куќа изгоре во пожар во декември 2019, а ветувањето за изградба не се реализираше седум години подоцна.

Причина за сопирањето: недостиг на стручен кадар

Иако се одобруваат средства, физичките работи не се одвиваат. Лани Министерството за култура одобри 4 милиони денари (околу 65.000 евра) за санација. Во 2024 година беа издвоени 1,2 милиона денари (околу 20.000 евра), но таа година не беше реализирана санација.

Од Националниот конзерваторски центар (НКЦ) велат дека запирањето е „исклучиво поради алармантниот недостаток на стручен кадар во заштитата на културното наследство, а особено во недвижното културно наследство и недвижностите по намена.“ Во писмен одговор Александар Јордановски, директор на НКЦ, го објасни техничкиот проблем и проблемот со кадрите:

„Имено, за конкретниот објект, во текот на изведбата на конзерваторско-реставраторските работи во 2025 година, се увиде дека Основниот проект треба да се дополни со конструктивно-статички елементи, кои не беа видливи при самото проектирање. Последниот градежен инженер-статичар во Националниот конзерваторски центар, специјализиран за објекти од културно-историско значење, заминал во пензија пред десетина години. Во 2018 година Националниот конзерваторски центар вработува градежен инженер-статичар, но до денес не покажува никаква способност за соодветната високоодговорна позиција. Оттогаш па наваму, установата оваа празнина ја пополнува со надворешни соработници, кои, исто така, се исклучително дефицитарен кадар. По запирањето на работите на објектот во текот на 2025 година од страна на конзерваторскиот надзор, националната установа побара помош од надворешни соработници од соодветниот профил, но заради нивната презафатеност поради малобројноста во државата, обврската во однос на предметниот објект ќе ја завршат до крајот на септември, односно почетокот на октомври 2026 година, по што Центарот ќе може да продолжи со обврските кон овој објект во согласност со нормативите предвидени во Законот за заштита на културното наследство“, ни рече во писмениот одговор Александар Јордановски, директор на НКЦ.

Јордановски додава дека за проблемот алармирал веднаш по доаѓањето на функцијата во јули 2025 и дека при посетата на министерот за култура Седат Сулејмани на почетокот на месецов ова прашање било поставено како приоритет.

Освен куќата на Аликара, куќите кај Варналиите остануваат без санација. Трите преостанати куќи се во лоша состојба, а сопствениците не смеат да преземат никакви зафати бидејќи објектите се заштитени како културно наследство.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи